На 25-ти мај оваа година, Управата за заштита на културно наследство објави Предлог – Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство (2021-2025) и отвори таканаречена „електронска јавна расправа“ според која требаше да се пополни извесен формулар со забелешки кои ќе биде доставен до работното тело. Станува збор за исклучително важен стратешки документ според кој треба да се креираат идните стратегии, планови и проекти во областа на заштитата на културното наследство. Но сепак, повторно сме сведоци на еден нетранспарентен процес на изработка на еден ваков стратешки документ бидејќи со испраќање на формуларот расправата воопшто не е јавна, туку е еднонасочна и само навидум транспарентна, истакна Велика Стојкова Серафимовска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Предлог Националната стратегија уште еднаш ја потврдува неспособноста на оваа Влада, бидејќи Работното тело, чии членови не се јавно објавени, самото констатира бројни недостатоци во системот на заштита кои, многу индикативно се истакнуваат токму во последниве четири години во кои владее СДСМ. Оценката вели дека не постои соодветна комуникација помеѓу надлежните институции, нема доволно финансии за заштита на културното наследство, нема доволно соодветни човечки ресурси за извршување на задачите во институциите, самите институции немаат соодветен простор и опрема за работа, како и многу други забелешки, со што уште еднаш се потврдува некадарноста на оваа Влада, поточно на ресорот култура во менаџирање на заштитата и користењето на културното наследство во Македонија“, додаде таа.
Според неа, со предложените мерки и механизми како дел од Предлог националната стратегија може да се заклучи дека тимот кој работел на истата, особено во одредени сегменти покажува, како што рече, банално непознавање на материјата, законите и законските регулативи, правилниците и други подзаконски акти со кои се регулира заштитата на културното наследство.
„Предлогот Национална стратегија за заштита на културното наследство е всушност еден несериозен документ кој повторно покажува непочитување кон исклучително богатото движно, недвижно и нематеријално културно наследство во Македонија. Ваквиот однос уште еднаш ја потврдува агендата на оваа влада за обезличување на идентитетските маркери и обележја чиј носител е токму културното наследство“, рече Стојкова Серафимовска.
Потстеи дека т.н расправа заврши на 21 јуни, а документот повеќе не и е достапен на јавноста.
„Не слушнавме никаква дискусија, па се очекува уште еден несреќен документ кој најверојатно ќе заврши исто како фамозната „Национална стратегија за културата (2018-2022)“ на Алаѓозовски која никако да почне со реализација, иако веќе дојде време за нова стратегија. ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува длабока почит кон културното наследство и неговата функција во општеството и заедниците, наведе пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.