Утрински Весник
Македонија

Арсовски: Камери и видеонадзор за службениците кои ќе вршат контрола

Арсовски: Камери и видеонадзор за службениците кои ќе вршат контрола

Законските измени кои ги најавува Владата за видеонадзор и боди-камери за администрацијата ќе важат само за оние службеници кои вршат контрола и надзор, односно кои имаат посебни овластувања, објасни владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.

Во врска со ова тој рече дека предлогот за поставување видеонадзор и боди-камери бил изнесен на вчерашната владина седница, како една од опциите и механизмите за превенирање од коруптивни дејствија и јакнење на транспарентноста при вршење на работните задачи и обврски во институциите и со цел да се регулира работата на службениците во ситуации кога е неопходно тие директно преку физички контакт да работат со граѓаните.

„Ова не се однесува на целата администрација, туку на пример за службениците кои вршат контрола, надзор и посебни овластувања, особено во процесите што не можат да се дигитализираат и вклучуваат неопходно учество на човечкиот фактор. Секако дека овој предлог во следниот период детално ќе се истражи и анализира од аспект на негова имплементација, опфатот на службениците, обезбедување на сигурноста и приватноста на граѓаните, како и техничките и законските можности“, истакна Арсовски.

Додаде дека дигиталната трансформација на процесите е врвен приоритет на Владата, како клучен механизам за сузбивање на корупцијата, за брзи и ефикасни услуги кон граѓаните, како и за институции кои, како што рече, треба да бидат во служба на граѓаните.

Овој предлог во иднина ќе го определи опфатот на службениците, но ќе води и сметка за сигурноста и приватноста, додека законските решенија со сите измени и дополнувања до крајот на август ќе бидат доставени до Собранието, објасни Арсовски.

Можете да прочитате

Галетановски: Возилото е изгорено целосно, ниту сум скаран со некој ниту некој ми се заканувал

Потпишан е Меморандум за соработка со Управата за извршување на санкции

Заврши јубилејното 15. издание на Баскерфест – фестивал кој повторно ја оживеа уличната сцена низ Македонија