Во четврток, 15 јули, од 21 часот, во Музејот на современа уметност во Скопје, ќе се одржи видео проекција и дискусија со визуелната уметница Ана Адамовиќ во разговор со кураторката Јованка Попова.
Избраните видео дела што ќе бидат претставени и дискутирани се осврнуваат на главните преокупации во уметничката пракса на односот помеѓу ангажираната уметност и видео-уметноста.
Ана Адамовиќ (Белград, 1974 г.) се занимава со прашањата за идентитетот и меморијата како лични така и колективни, работејќи на долгорочни фотографски и видео проекти. Од 1999 г. нејзините дела беа изложувани на многубројни самостојни и групни изложби во Србија и во странство вклучувајќи ги и 34-то Биенале во Сао Паоло, Музејот на југословенската историја во Белград, Салон на Музејот на современа уметност во Белград, Музејот на модерна и современа уметност Риека, Музејот на фотографија во Солун, Фондацијата за уметност на Осаге во Хонг Конг, Кина, Музејот на фотографија во Брауншвајг. Дипломирала на одделот за светска книжевност на Белградскиот универзитет и студирала фотографија на Институтот за уметност во Бостон. Таа е кандидат за докторски студии на Академијата за ликовни уметности, Виена. Адамовиќ е основач на киоск-платформата за современа уметност во Белград заедно со историчарката на уметноста Милица Пекиќ. Живее и работи во Белград.
Јованка Попова (1980, Скопје) е куратор во Музејот на современата уметност – Скопје и куратор и програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“. Докторант на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Магистрирала на Институтот за Историја на уметноста, насока – современа уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. Работела на повеќе домашни и интернационални кураторски проекти. Во 2019 била куратор на северно македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале. Како дел од програмата на неколку меѓународни конференции и симпозиуми одржала презентации и предавања на Humboldt University Берлин, Goethe University, Франкфурт, Central European University, Будимпешта, Hankuk University of Foreign Studies, Seoul, Kunsthistorisches Institut, Фиренца; Norwegian University of Science and Technology, Трондхејм, Bahcesehir University, Истанбул итн. Претседател е на AICA Македонија – здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.
Текстот Видео проекција и дискусија со визуелната уметница Ана Адамовиќ е превземен од МАКФАКС.