Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари билатерална средба со австрискиот канцелар и домаќин на Самитот за Западен Балкан во Виена, Себастијан Курц.
Како што информираат од владината прес-служба, Заев упатил благодарност за огромната поддршка на Австрија за Северна Македонија и за европската иднина на целиот регион и го охрабрил канцеларот Курц да продолжи со извонредниот и посебен ангажман.
Соговорниците констатирале дека крајно време е Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ и да ја интензивира сопствената и регионалната европеизација.
Заев и Курц изразиле задоволство од видливиот раст на австриските инвестиции во Северна Македонија и од големиот интерес за нови економски соработки и проекти во областите обновливи извори на енергија, инфраструктура и здравство.