Државниот инспекторат за животна средина затвори бетонска база во село Р’жаничино која работела без соодветна дозвола, а од неа и од тешките товарни возила се ослободувале емисии во воздухот, бучава и вибрации.
Инспектор од Државниот инспекторат за животна средина по претставка на граѓани и на барање на општината Петровец, која нема овластен инспектор за животна средина, во текот на март изврши неколку надзори во бетонската база АРАДИКО КОП ДООЕЛ во село Р’жаничино.
„Бетонската база работела врз основа на Елаборат за заштита на животната средина, што Министерството за животна средина го одобрил за проектна документација со предвиден силос за цемент со волумен до 50м3. Но, базата работела со два силоси од по 50 тони, за кој капацитет било неопходно издавање на Б интегрирана еколошка дозвола, што не била обезбедена. Покрај функционирањето без соодветна дозвола, од базата и од тешките товарни возила се ослободувале емисии во воздухот, бучава и вибрации. Дополнително, вишокот на бетон од цистерните се исфрлал во река“, велат од Инспекторатот.
По утврдувањето на незаконското работење, додаваат од ДИЖЗС, извршено е отстранување на бетонската база од локацијата и чистење на реката, како резултат на инспекциската постапка.
„Домаќинствата од блиската населба може да здивнат заради отстранувањето на овој загадувач што долги години бил причина за нарушување на нивното здравје и квалитет на живот“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.