Заврши времето кога во државата имаше еден судија, еден обвинител, еден адвокат, еден извршител, кога целата моќ беше на едно место, сега секоја институција постапува согласно своите надлежности и овластувања, порача вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, одгворарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето за случајот со родиликата од Дебар и разрешувањето на директорот на струшката болница Мухамед Асани, вицепремиерот нагласи дека, како координатор на Инспекцискиот совет, веднаш се преземени мерки од страна на надлежните инспекторати, односно од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој, како што кажа Николовски, навреме ги презел сите мерки, извршил вонреден надзор, изрекол решение за забрана за вршење на дејност и поднел иницијатива за кривична одговорност во ОЈО Струга.
„Прв сум, којшто излезе за овој случај и кажа и побара ДЗСИ да ги спроведе сите контроли и веднаш експресно во рок од 24 беше издадено решение за забрана за вршење дејност во просториите каде што се одвивале нелегалните дејствија на ординацијата. Преку посебена Комисија формирана од министерот за здравство, се донесе решение за смена на директорот. Така се постапува во било кој случај кадешто е констатирана одговорност, пропусти и се охрабруваат институциите согласно своите надлежности да ги расчистат сите постапки“, изјави вицепремиерот Николовски.
Вицепремиерот исто така обвини дека ВМРО ДПМНЕ во отуство на идеи, секојдневно лиферува лаги, невистини и конструкции.
„Помина и времето кога институциите не смееа да помислат да им ги споменат имињата на некои функционери, министри или блиски на власта, а не да влегуваат и да бараат документи, како што тоа денес се случува во рамки на сите институции“, посочи Николовски.