Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заврши првата фаза на пописот, продолжува самопопишувањето на дијаспората

(Видео) Заврши првата фаза на пописот, продолжува самопопишувањето на дијаспората

Со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците, се заокружи првата фаза од пописот.

Процесот на самопопишување на дијаспората продолжува и понатаму преку веб-апликацијата. До денеска, попишани се над 82 илјади сограѓани од странство, од кои најмногу од Швајцарија – 26 000, Германија – 19 000 и Италија со над 10 000. Самопопишувањето ќе трае до 21 април.

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски на прес-конференција истакна дека се завршени обуките на државните инструктори, кои од денеска се веќе на терен, а започна и дистрибуцијата на лаптопи и заштитна опрема за попишувачите.

Тој информираше дека е во тек нов повик за реонски попишувачи, на којшто можат да се пријават сите невработени полнолетни лица, со завршено најмалку средно образование. Со овој повик, се затвора и листата на сите потребни попишувачи за непречено спроведување на претстојниот попис.

Како што оцени портпаролот на Министерството за правда, Александар Видиновски, првата фаза завршила успешно.

„Во делот на 11-те затвори и едниот дом за малолетници кои се попишани, запазувањето на утврдениот здравствен протокол овозможи да нема зголемување на бројот на позитивни случаи како резултат на процесот на попишување. Ова е потврда, дека доколку се почитуваат протоколите и пописот ќе се одвива непречено“, рече Видиновски.

Портпаролот Муамет Хоџа, рече дека се надминати сите технички проблеми кои се јавиле првите неколку денови и самопопишувањето се одвива со зголемена динамика и без посериозни потешкотии.

Одговарајќи на прашања од новинари, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика уште еднаш ја потврди важноста од спроведување на успешен попис и се осврна на посветеноста на ДЗС за непречено спроведување на истиот. Во однос на обидите за злоупотреба на податоците, таа истакна дека Законот за попис и усвоената методологија се многу јасни. Се знае кој и како може да се попише, а јасни се и санкциите за секој еден што ќе се обиде да ги злоупотреби.

„Апликациите се направени така да можат да ги детектираат сите обиди за злоупотреба и да ги следат лицата кои тоа го направиле“, рече Ѓоргиева.

Во однос на здравствениот протокол и попишувањето на лица кои ќе бидат во изолација, Ѓоргиева информираше за соработката со Министерство за здравство и Мој термин, од каде редовно ќе добиваат информации за сите граѓани кои се во изолација со цел да се планира нивното попишување.

„Граѓаните треба да бидат сигурни дека е направено сé што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи скроени за безбедно спроведување, подготвени сме за секој детаљ, за секоја ситуација, сите постапки течат непречено. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Токму за да нема потреба од одложувања“, заклучи Арсовски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

КАКО ДА СМЕ ЈАНУАРИ, А НЕ НОЕМВРИ: Рано утринава во Македонија измерени дури -12 степени!

И покрај ветерот повеќе градови во Македонија дишат загаден воздух – Во Кичево девет пати над дозволеното

Утринава -10: Каде беше најстудено а каде најтопло?