„Над 100 компании од Куманово и кумановскиот регион добиле над 700 илјади евра директна финансиска поддршка од мерките и програмите кои се реализираат преку министерството за економија и владата.
Ова како што велат од министерството за економија значи дополнителни инвестиции во периодот после завршување на кризата со пандемијата, но и отварање на нови работни места.
„Ние остануваме посветени во директна комуникација со бизнис заедницата да креираме мерки кои ќе произлезат од јавно-приватниот дијалог“, порача министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој денеска заедно со пратеникот во Собранието, Арбер Адеми и заменик-министерот за здравство Илир Хасани беа во посета на повеќе компании од преработувачката индустрија, но и туристичко- угостителскиот сектор и занаетчии кои се корисници на мерките кои што минатата година се реализираа преку министерството за економија.
„Сакам да ги повикам сите компании да аплицираат за мерките на министерството за економија и да ги искористат за набавка на машини, опрема и други инвестиции. Оваа година за прв пат јавните повици се спроведуваат по принцип на распределба на развиеност на плански региони, за што предност ќе има Куманово и кумановскиот регион како дел од североисточниот плански регион, тоа ќе значи дека започнуваме со поеднаква распределба на финансиската поддршка низ целата држава“, потенцираше Бектеши.