Министерот за здравство, Венко Филипче во видео порака по повод една година од првиот регистриран Ковид случај во земјата вели дека здравствениот ситем покажал дека има знаење и искуство да се носи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја.
Тој им се заблагодари на здравствените работници за кои вели дека заслужуваат цела почит и благодарност.
„Во изминатата година докажавме и покажавме дека здравствениот систем има сили, знаење и искуство да се справи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја на светот. Здравствените работници кои беа на првата линија на борбата против вирусот покажаа истрајност, професионалност и патриотизам на највисоко ниво и токму поради тоа, ја заслужуваат целата почит и благодарност.“ вели Филипче.
Тој порача дека набавката на вакцини е најголем предизвик за сите земји во светот а околу 130 земји сеуште го немаат почнато процесот на имунизација.
Посочува дека се даваат максимални напори да се обезбедат вакцини и убеден е дека многу брзо ќе започне масовната вакцинација.
„Како Влада даваме максимални напори да обезбедиме вакцини што поскоро и доволно за сите граѓани, за што барам трпение и разбирање од сите. Набавката на вакцини во моментов е главен предизвик за сите држави во светот, а 130 земји сеуште немаат почнато со вакцинација. Ние успеавме да ја започнеме вакцинацијата на здравствените работници, а многу брзо ќе ја почнеме и вакцинацијата на сите граѓани.“ посочува министерот Филипче.