Утрински Весник
Македонија

Претседателката на Лекарската комора се вакцинираше, порача дека имунизацијата е најсилно оружје против ковид-19

Претседателката на Лекарската комора се вакцинираше, порача дека имунизацијата е најсилно оружје против ковид-19

Претседалката на Лекарската комора на РСМ, Калина Гривчева Старделова ја прими првата доза од вакцината против ковид-19. Таа е дел од здравствените професионалци кои се ангажирани во еден од ковид центрите во земјава.

„Имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени процедури и тоа досега многу пати го докажала историјата. Затоа, порачувам дека никој, а особено здравствен работник, не треба да се сомнева во тоа дали вакцинирањето е вистинскиот чекор за заштита на личното здравје, но и за сузбивање на ковид-19 пандемијата”, изјави претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова.

Таа изрази верување дека нејзиниот личен пример преку вакцинирањето ќе биде охрабрување за другите здравствени работници да се имунизираат.

„Пандемијата со вирусот ковид-19 е потсетување дека заразните болести се сериозна закана која не познава граници, а имунизацијата е најсилното оружје во борбата со нив. Не постои друга поефикасна медицинска технологија која го заштитила и го унапредила човековото здравје како што тоа го направиле вакцините. Вакцината е важна за одржување на здравјето на здравствените работници, здравјето на граѓаните, но и за одржливоста на здравствените системи и затоа немав никаков сомнеж дека треба да се вакцинирам“, изјави д-р Гривчева Старделова.

Инаку, Лекарската комора на РСМ, како членка на Постојаниот комитет на европски лекари (CPME) преку промоција на Манифестот објавен од Коалицијата за имунизација ги повикува сите здравствени професионалци да се вакцинираат против ковид-19. Документот потенцира три клучни причини поради кои секој здравствен работник веднаш штом добие можност треба да се вакцинира против ковид-19:

  • затоа што се заштитува од болеста и од можни тешки живото-загрозувачки компликации;
  • затоа што вакцините против ковид-19 се безбедни и ефикасни и;
  • затоа што на тој начин помага за зачувување на здравствените капацитети.

Лекарската комора, заедно со Стоматолошката комора и Фармацевтската комора, во рамките на Меморандумот за соработка кој веќе го имаат потпишано, во периодот кој претстои ќе настапат со заеднички активности за афирмација на вакцинацијатa против ковид-19.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!