Утрински Весник
Свет

Чешката опозиција оствари успех на изборите за Сенатот

Cheshka.webp.webp

Либералната и конзервативна опозиција во Чешка оствари изненадувачки успех на вчерашните избори за Сенатот, при што најмалку четворица нејзини кандидати обезбедија директна победа уште во првиот круг од гласањето.

Резултатите беа објавени откако беа пребројани гласовите во повеќе од 80 проценти од изборните единици.


Прелиминарните резултати јасно покажуваат дека опозицијата ќе ја задржи мнозинската контрола во Сенатот, што ќе му овозможи на горниот дом на парламентот и понатаму да делува како противтежа на долниот дом, со кој доминираат десните владејачки партии.

Изборите се одржаа за само 27 од вкупно 81 место во Сенатот, имајќи предвид дека третина од членовите на тој дом се избираат на секои две години.

Сенатот може да го одложи донесувањето на законите и да ги блокира уставните измени, поради што политиколозите го опишуваат како „демократски осигурувач“.

За преостанатите места ќе се одлучува во вториот круг од изборите следната недела. Според прелиминарните резултати, најмногу кандидати кои поминаа во вториот круг има десната популистичка партија АНО на милијардерот и премиер Андреј Бабиш.

Изборите за Сенатот, одржани истовремено со локалните избори ширум земјата, се сметаа за прв тест за поддршката на јавноста за владата на Бабиш откако ја презеде должноста во декември.

Неговата партија АНО владее во коалиција со две помали партии од крајната десница, Партијата на мотористите и партијата Слобода и директна демократија (СПД).

Организациите, меѓу кои е и Транспаренси интернешнл, го обвинуваат Бабиш за судир на интереси поради неговата двојна улога како премиер и основач на големо деловно царство.

Критики предизвика и планот на владата таксите за јавните радиотелевизиски услуги да се заменат со директно финансирање од државниот буџет.

Повеќе од осум милиони гласачи со право на глас беа повикани да изберат локални совети во повеќе од 6.200 градови, општини и населени места ширум земјата.

Според првичните проценки, одѕивот на гласачите изнесуваше околу 40 проценти. Изборите се одржаа во вчера и завчера.

Можете да прочитате

СЗО соопшти дека сè уште чека од Русија информација за дијагнозата на починатата жена, за која има сомнежи дека била заразена со белодробна чума

Најмалку 12 загинати и стотици повредени во нападот врз аеродромот во Ријад, осуда од САД и ОН

Крвав масакр во САД: Деветмина мртви, меѓу нив две мали деца и бремена жена