Утрински Весник
Свет

ХРВ: Турција присилно преселила и уапсила 60 Сиријци

ХРВ: Турција присилно преселила и уапсила 60 Сиријци

Повеќе од 60 сириски државјани се уапсени и нелегално преместени од Североисточна Сирија во Турција за да им се суди од страна на Турција и Сириската национална армија за сериозни обвиненија  за кои може да добијат доживотен затвор, соопшти денеска Хјуман рајтс воч (ХРВ).

Меѓународната група за човекови права соопшти дека документите што ги добиле покажуваат дека уапсените биле уапсени во Сирија и пренесени во Турција со кршење на обврските на Турција како окупаторска сила во Североисточна Сирија според Четвртата Женевска конвенција.

Заменик-директорот на ХРВ за Блискиот Исток, Мајкл Пејџ, вели дека Турција мора да ги почитува правата на луѓето во Североисточна Сирија според законот за окупација.

„ХРВ успеа да дојде до 4.700 страници официјални документи на турската влада во кои детално се наведени имињата, обвиненијата, медицинските извештаи и наводните докази против 63 сириски државјани кои беа приведени во Сирија и пренесени во Турција од 11 октомври 2019 до 6 декември, 2019 година “, вели организацијата на својата веб-страница.

Турските власти и Сириската национална армија, поддржана од Турција, ги уапсиле сириските државјани, како и Арапи и Курди, во периодот од октомври до декември 2019 година во Рас Ал-Аин (Сереканије), во Североисточна Сирија, откако Турција ја презеде ефективната контрола над областа по нејзиниот упад во Северна Сирија.

Документите, се додава, покажуваат дека турските обвинителни органи донеле де факто одлука за проширување на овластувањата на турскиот гувернер на Шанлиурфа врз назначените области во Сирија.

Според документите, сите освен 10 од приведените мажи биле членови или биле поврзани со Партијата на демократскиот сојуз (ПДС), политичката партија предводена од Курдите, која е дел од курдската самоуправа.

Во октомври 2020 година, пет од 63 Сиријци, вклучително и еден чии роднини биле интервјуирани од „Хјуман рајтс воч“, беа осудени на доживотен затвор без право на условна слобода за нарушување на единството и територијалниот интегритет на државата, рекоа нивните адвокати.

Турција се бори со курдските групи и на своја територија и во Сирија и ги повикува меѓународните сили да не ги поддржуваат во борбата против сирискиот претседател Башар Ал-Асад.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење