Утрински Весник
Македонија

Интелигентниот транспортен систем на Коридор 10: Годинава на тендер, догодина ќе се стави во функција

Avtopat Elektronska Signalizacija

Програмата за економски реформи 2021-2023 година што беше донесена на вчерашната владина седница прецизно ја утврдува динамиката за реализација на Интелигентниот транспортен систем (ИТС) на автопатот долж Коридор 10, проект за кој „Мета.мк“ веќе подолг период наназад известува. Годинава треба да се забрза практичната имплементација преку распишување на меѓународниот тендер за изведба на Интелигентниот транспортен систем (комуникациско – информациски систем за контрола и управување на сообраќајот).

Притоа, во усвоената Програма се наведува дека во 2021 година ќе се потпише договор со изведувачот на ИТС на Коридорот 10, како и договор со фирмата што ќе го врши надзорот над работите. Инсталацијата на опремата и надзорот над работите ќе започнат на крајот на 2021 година, а целокупниот проект би се завршил и би се ставил во функција во 2022 година.

Имплементацијата на ИТС треба да овозможи на автопатот од Табановце до Гевгелија да се зголеми безбедноста во сообраќајот преку воведување на контрола и информирање на возачите за временските неприлики, за застој на патот, да се контролира транспортот на опасни материи и да се мери густината на сообраќај и тежината на товарни возила.

Со проектот вреден 18,6 милиони евра на автопатот од Табановце до Гевгелија ќе се инсталираат уреди за мерење на тежина на возила во движење, метеоролошки станици – системи за давање информации за временските услови на патот и за мерење на стакленичките гасови, ќе се постават камери за видео-надзор, СОС-телефони на патот и електронска сообраќајна сигнализација за информирање на возачите за условите на патот. Притоа, сите овие параметри за состојбата на патот деноноќно ќе се мониторираат од контролниот центар на Јавното претпријатие за државни патишта.

„Најголемото влијание се очекува да биде во зголемување на безбедноста и заштеда на времето за патување. Вкупното време на патување ќе се намали како резултат на координацијата на навремениот информатички систем за корисниците на патот долж Коридорот 10. Поради раното предупредување за можни застои од страна на системот, заштедите на време преку исклучување на доцнењата ќе им овозможат на корисниците да ги намалат нивните патни трошоци и според тоа Коридор 10 ќе биде
поконкурентен за користење, особено за меѓународен транспорт. Компаниите што вршат транспортни активности ќе имаат помали трошоци и намалено време на транспорт“, се наведува во Програмата за економски реформи 2021-2023 година во делот на придобивките од воведувањето на Интелигентниот транспортен систем.

Инаку, воведувањето на овој комуникациско – информациски систем за контрола и управување на сообраќајот на Коридорот 10 се одложуваше неколку години наназад. Од Владата во вчерашното соопштение пак велат дека проектите од Програмата за економски реформи 2021-2023 година се обврска и се дел од реформите согласно евроинтеграцискиот процес, а документот треба да се достави до Европската комисија најдоцна до крајот на овој месец.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!