Првиот вицепремиер и Министер за политички систем Артан Груби денеска соопшти дека 1.349 административни службеници вработени по Охридскиот рамковен договор ќе бидат распределени на 237 институции, органи на државната и локалната самоуправа.
Според Груби, административните службеници кои во рок од 7 дена нема да дојдат да ги подигнат новите решенија, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе им ги раскине договорите за вработување и ќе ги пренесе на трансфер листа.
„Трансфер листата е во Министерството за информатичко општество и администрација каде веќе изборот не е нивен, односно од институција која има слободно место, им се нуди. Ако тоа го одбијат им се укинува работниот договор. Немаат веќе право да прибираат и да бараат друго работно место, ова е единствената опција“, рече на прес-конференцијата Груби.
Тој исто така ги наброја некои од институциите каде што ќе бидат прераспределени рамковните вработени, а повеќето ќе бидат вработени во МВР, Управата за јавни приходи, Државното правобранителство и во Царинската управа.