Единаесеттото издание на наградата Импала за најдобар албум носи 25 номинирани албуми од сите делови на Европа, докажувајќи уште еднаш разновидност на европската независна музичка сцена.
Меѓу номинираните, кои беа избрани оваа година од членовите на РУНДА – Регионално здружение на независни дискографи, е и албумот на Влатко Стефановски – „Taftalidze Shuffle“, објавен за најголемата регионална дискографска куќа „Croatia Records“.
25-те номинирани албуми носат различни музички стилови, од фински поп до француска електроника, преку балканска ска музика, дански блуз, до еклектичен музички израз на номинираните британски изведувачи.
Извршниот директор на Импалина, Хелен Смит, со објавувањето на списокот на номинирани вели: „Оваа година списокот вклучува 25 врвни албуми! Ова е одличен начин да се посочат одлични музичари кои доаѓаат од различни делови на Европа. 2020-та година беше тешка година, но оваа листа на номинирани е ветер в грб за добар почеток на 2021 година!“
„Taftalidze Shuffle“ е ново студиско издание на македонскиот виртуоз, а девет песни снимени во неговото студио „Езотерија“ сигурно ќе ги израдуваат сите љубители на добрата музика. Влатко, како и многумина досега, го посвети овој албум на своето Скопје и своето маало Тафталиџе, кое што има посебно место во неговото срце.
Песните се крајно интимни и лични, а сепак толку блиски до сите, токму поради сензибилитетот што го носи неговата музика. Авторството на музиката, текстовите и аранжманите, како и продукцијата на сите девет песни ги потпишува самиот Влатко.