Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски ќе ја предводи нашата селекција на Европското првенство кое ќе се одигра во јуни годинава.
Ова денеска го потврди претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини кој истакна дека лесно се договориле со Ангеловски за продолжување на соработката.
„Како што ветивме пред јавноста, за нашиот прв избор за селектор, денеска потврдуваме дека го продолжуваме патот кон успехот. Со Игор лесно се договоривме за сите детали околу продолжување на соработката бидејќи и кај него и кај нас владееше позитивно расположение успехот што го направивме да го продолжиме заедно. Ние сме професионалци и знаеме дека добрите резултати даваат поголема шанса за задржување на некоја позиција. Горди сме на сѐ што направивме како репрезентација и федерацијата ќе продолжи да обезбедува најдобри услови за работа, како што впрочем беше и досега“, изјави Сејдини.
Претходниот договор на Ангеловски заврши на крајот од 2020 година, а се појавија и некои шпекулации дека би можел да замине од кормилото на репрезентацијата која под негово водство го забележа најголемиот успех досега и обезбеди пласман на Европско првенство.
Резултатите и игрите кои ги бележеше македонскиот репрезентативен фудбал предводен од популарниот Мрме сепак беа пресуден фактор во одлуката тој да остане наш предводник на претстојниот континентален собир на кој нè чекаат дуели со Холандија, Украина и Австрија.
> Игор Ангеловски ќе ја предводи фудбалската репрезентација на Европското првенство <