Утрински Весник
Свет

ЕК ги предупреди земјите-членки да не се обидуваат сами да набавуваат вакцина

ЕК ги предупреди земјите-членки да не се обидуваат сами да набавуваат вакцина

Комесарката за здравство на Европската Унија, Стела Киријакидес, ги предупреди земјите-членки на ЕУ да не се обидуваат да склучат одделни договори за набавка на вакцини против коронавирус, бидејќи тие со заеднички договор ѝ го пренеле тоа право на Европската комисија.

„Дозволете ми да ве потсетам дека со одобрување на договорот за делегирање на преговорите за набавка на вакцини на Европската комисија, вие се согласивте да не започнувате сопствени процедури за набавка на вакцини со истите производители“, им порача Киријакидес на министрите за здравство на земјите-членки, разговарајќи за здравствената состојба во ЕУ.

Земјите-членки на ЕУ во јуни минатата година ѝ дадоа мандат на Европската комисија да преговара и да склучува договори за набавка на вакцини во нивно име.

Информациите дека Германија склучила билатерален договор со „Бионтех“ и „Фајзер“ за купување дополнителни 30 милиони дози крена голема прашина. Исто така, Кипар се обиде да склучи договор со Израел за набавка на вакцини.

„Го разбирам јавниот притисок во земјите-членки и стравот на граѓаните, но склучувањето паралелни договори само го поткопува европскиот пристап што веќе даде резултати“, рече комесарката.

Европската комисија досега има потпишано договори за набавка на вакцини од шест различни производители, од кои две веќе се одобрени за употреба, а тоа се вакцините на „Фајзер/Бионтех“ и на „Модерна“.

Вакцините се дистрибуираат до земјите-членки според нивниот удел во вкупната популација на ЕУ.

„Ројтерс“ објави дека американската компанија „Џонсон и Џонсон“ објавила дека најверојатно ќе аплицира за одобрување во ЕУ во февруари. ЕУ нарача 200 милиони дози од оваа компанија и има опција да нарача уште толку.

Вакцината на „Џонсон и Џонсон“се дава во една доза, за разлика од двете веќе одобрени, за кои се потребни две дози.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Хезболах истрела 150 ракети кон Израел

Телефонски разговор Путин – Ердоган

Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија