Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, изјави дека е против употребата на руската вакцина „Спутник V“ против Ковид-19 поради пропагандниот ефект, пренесува ТАСС.
„Би сакал јасно да кажам дека пропагандните способности на „Спутник V“ ги надминуваат нејзините реални способности и ефективност. Како член на владата, јас би бил против оваа одлука. Бидејќи Русија не се грижи за здравјеto на Украинците. Tаа се грижи за наметнување на своите пропагандни клишеа и идеологија со набавка на вакцината дури и ако е ефективна“, рече Кулеба за украинскиот ТВ-канал 1 + 1.
„Постои фактор што е многу поважен од гледна точка на интересите на Русија отколку медицинскиот. Тоа е пропагандниот фактор“, тврди украинскиот шеф на дипломатија.
Минатата недела, украинското Министерство за здравство изјави дека е невозможно да се регистрира „Спутник V“ во земјата пред крајот на третата фаза од клиничките студии. Во исто време, Виктор Медведчук, шефот на политичкиот совет на партијата Опозициска платформа – За живот, изјави дека ваквиот став нема никаква врска ниту со медицината ниту со интересите на украинските граѓани.
Претходно, тој објави дека фармацевтската компанија „Биолец“ во Харков доставила документи за државна регистрација на „Спутник V“, вклучувајќи го и нејзиното производство во земјата и вакцинација на жителите.
Во исто време, украинскиот премиер Денис Шмигал извести дека Киев води разговори со сите производители на вакцини во светот освен со руските. За возврат, украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека земјата наскоро ќе започне вакцинација од големи размери со вакцината на Кина.
На 30 декември беше објавено дека Киев склучил договор за добивање на повеќе од 1,9 милиони дози на препаратот произведен од кинескиот „Синовак биотек“, а првата серија од 700.000 дози се очекува во февруари.