Центарот за обука на пилоти, сместен на воениот дел на скопскиот аеродром, од денеска влегува во состав на АРМ. Центарот беше отворен во 2011 година по договор на Министерството за одбрана и израелската компанија „Елбит“, која до денеска управуваше со Центарот.
„Со потпишување на финалниот записник за примопредавање од страна на одговорниот претставник на Армијата, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески и директорот на ЦОП и претставникот на израелската фирма ЕЛМАК- Елбит системи, г. Јаари Шрага, официјално се изврши примопредавање на надлежностите од израелската фирма на Армијата на Република Северна Македонија. Со ова формално ЦОП, согласно планот за трансформација на Армијата и досегашниот договор влегува во структурата на Армијата на Република Северна Македонија како составен дел од Воздухопловниот ВИНГ“, соопшти Министерството за одбрана.
Од денеска, Центарот е Сквадрон за обука и тренажа во Воздухопловникот ВИНГ (Воздухопловна извидувачко-напаѓачка група) на АРМ.
Центариот за обука на пилоти беше отворен со договор потпишан во декември 2010, според кој израелската компанија „Елбит“ требаше осум години да управува со центарот и да обучува пилоти, за што Министерството му плаќаше 5,3 милиони евра годишно. По истекот на осумте години, според договорот, Центарот требаше да мине во владение на Министерството за одбрана, заедно со целокупната опрема и техника. Центарот поседува неколку хеликоптери, но и софистицирани симулатори на хеликоптери Ми-8/17 и Ми-24, летала со какви што располага АРМ.
Досега обука во центарот завршиле 27 пилоти, од кои 25 обучени за АРМ. Денес им биле доделени дипломите на последните тројца пилоти.