Том Круз негодуваше поради очигледно кршење на безбедносните протоколи за Ковид-19 за време на снимањето во Лондон на новиот филм „Мисија: Невозможно“, кажувајќи им на членовите на екипажот дека ќе бидат отпуштени доколку не ги почитуваат правилата, објави во вторникот британскиот весник „Сан“.
Во експлицитните забелешки снимени на аудио-лента што ја доби „Сан“, ѕвездата и продуцент на акциониот филм ја искритикува екипата за пропусти во социјалното дистанцирање и други правила што дозволуваат снимање филмови во време на пандемија на коронавирусот.
Извор близок до продукцијата рече дека лентата е автентична. Претставник на Круз одби да даде коментар.
„Секоја вечер сум на телефон со студија, осигурителни компании, продуценти и тие нè гледаат и нè користат за да ги снимаат своите филмови“, им рече Круз на членовите на екипата додека се снимаше една сцена во Лондон.
„Дали ја разбирате одговорноста што ја имате? Затоа што ќе се позанимавам со вашиот разум. И, ако не можете да бидете разумни и ако не можам да се справам со вашата логика, вие ќе бидете отпуштени “, додава тој во снимката.
„Сан“ не прецизира кога се случил инцидентот, но филмаџиите пристигнаа во Лондон на почетокот на декември.