Утрински Весник
Македонија

(Видео) Николов: По изиграните ора во Штип, Филипче и Заев го исмеваат народот со нови мерки

(Видео) Николов: По изиграните ора во Штип, Филипче и Заев го исмеваат народот со нови мерки

„Заев и Филипче глумат загриженост, наводно прифаќаат некакви мерки, но во исто време на корона-изборите тераат оро и слават во кафеана. Додека пациентите не може да се обезбедат со инсулинска и антикоагулантна терапија, додека се соочуваме со инсулинска криза во државата, тие народот го лажат и го замајуваат дека имало мерки и дека се преземаат нови. Во најмала рака ова е навреда за граѓаните и навреда за болните“, изјави Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, наместо да се слушне струката во врска со пандемијата на Ковид-19, таа се користи како параван за неспроведување на мерките, а се слушаат пиар-претставите на Филипче и на Заев. Комисијата за заразни болести не е ништо друго, туку еден обичен параван.

„Кога веќе објавуваат мерки, потребно е Комисијата за заразни болести да ги каже епидемиолошките цели поради кои се предлагаат тие мерки, во исто време треба да се објави и објасни кога се планираат тие цели да бидат остварени. Во спротивно, сè што прават Комисијата и Филипче претставува еден обичен пиар. Треба да се одговори зошто досегашните мерки што ги имавме, наместо резултати, дадоа пролонгирана агонија. Ги навикнаа граѓаните на 20, 30,, па и 40 починати во текот на денот, во текот на 24 часа. Ги навикнаа граѓаните на 30-35 % позитивни од вкупно тестирани во 24 часа.

Здравството се претвори во ковид-здравство. Последна клиника што станува ковид-клиника е Клиниката за трауматологија, а наверојатно со оваа динамика и со овие мерки-немерки набргу и целата зграда на Хирургија ќе стане ковид во кампусот клиники „Мајка Тереза“. И наместо претворање на целокупното здравство во ковид-здравство и лекување само една дијагноза, требаше да се загрижат и да ги згрижат другите пациенти, другите заболувања и другите дијагнози. Наместо мерки за бенефит на граѓаните, денес се носат задоцнети мерки, кои нема да променат ништо. Заболените од Ковид-19 плаќаат само 4.000 денари за да обезбедат антикоагулантна терапија, која не може да се купи ниту на приватно. За овие граѓани се потребни субвенции.

Наместо 3-4 карантин-викенди, како што предлагаа експертите епидемиолози претходно, со цел да се стави епидемијата под контрола, денес повторно се предлагаат мерки-немерки, кои тешко дека ќе дадат видливи резултати, ниту се објавува кога овие резултати ќе ги видиме. Наместо промена на протоколите од примарно до терциерно ниво и нивна дистрибуција до целокупниот медицински и немедицински персонал, се одвлекува вниманието со некакви мерки за порано затворање на рестораните и кафулињата. Наместо мапирање на целокупниот медицински персонал за да се види неговата расположливост за да биде вклучен во битката со Ковид-19, јавноста се замајува со некакво наградување на медицинарите што биле на првата линија на борба со короната, а за таквото наградување ниту имаше и ниту има трага и глас. Наместо одговорност, лагите и пиарот бесрамно продолжуваат. Потребна е или да се промени и професионализира Комисијата за заразни болести или одговорност на Заев и Филипче“, додаде тој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

„Тиквеш“ прогласен за најдобар производител на вино од Македонија на престижниот Mundus Vini

Демаскирање на митот за „низок IQ“

Комеморација во Собранието за жртвите од пожарот во „Пулс“ – една година од трагедијата во Кочани