Стоте дена од старо новата влада се продолжение на низата на промашувања, криминал и силни неуспеси, која трае четири долги години, рече денеска на прес-конференција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, овие 100 дена од 4 годишниот мандат на владата се најлошите 100 дена на било која влада која досега била на чело на современа македонска држава.
„Ветуваа живот, а после оној предизборен инжирениг во избори во кои што се служеа со се, само не со предизборна програма, уценуваа, се закануваа, поткупуваа, менуваа закони, буквално се, само не со политичка платформа, составија влада со ветување ‘Можеме подобро’, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка ‘втор ТАТ’ – афера тешка 200 милиони евра, поскапи електричната енергија, 1.400 животи се загубија поради отсуство на стратегија и акутна неспособност во здравството“, посочи лидерот на опоизициската партија.
Според Мицкоски, оваа власт не знае како во економијата, во здравството е хаотична, а во надворешната политика наместо со принципи и мудрост, постојано се коцка со идентитетските прашања.
„И многу лажат, но тоа за нив е веќе секојдневие“, додаде тој.
Во своето излагање Мицкоски посочи дека владата на Заев носи замо загуби и потоа наброја низа од нив во економијата, здравството, земјоделието, образованието и инфраструктурата.
Според него, оваа влада била потресена и од многи скандали и афери, а на крајот го спомена и ветото за ЕУ.
„Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето кое не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и неговата ‘домат’ меѓународна политика. После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори, денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, владата на Заев не успеала во намерата да се откаже од идентитетот, затоа што, како што рече, се случил народ.
Сепак додаде дека додека Заев е премиер идентитетот и иднината на земјата се под закана.