Во интерес на вистината, а по изнесените лаги од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, важно е да се нагласи дека не станува за отворање на нови работни места и дополнителни финансиски трошоци на компанијата, бидејќи во моментов овие позиции ги извршуваат лица на кои им истекуваат договорите за вработување, а кои досега беа склучувани на определено работно време, велат од „Пошта на Северна Македонија“ откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе се вработуваат нови 280 луѓе.
„Со цел непречено овозможување на услугите, особено земајќи предвид дека А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ е давател на универзална поштенска услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, како и дополнителна транспарентност и отвореност, компанијата за овие позиции распишува јавен оглас за работна позиција – пошторазнесувачи, на неопределено работно време, кој е отворен за секој заинтересиран граѓанин“, се вели во демантот.
Ја разбираме потребата на опозицијата, велат од „Пошта на Северна Македонија“, за собирање на дневно-политички поени, но сметаме дека е крајно некоректно на удар на лаги и неточни информации да бидат изложувани поштарите кои несебично, пожртвувано и целосно изложени на ризиците кои со себе ги носи Ковид-19 вирусот, сиве овие месеци чесно ја заработуваат својата егзистенција изложувајќи го на опасност своето и здравјето на нивните најблиски.
„Дополнително, би сакале да ја информираме јавноста дека овој оглас беше првично распишан во текот на месец февруари 2020 година, но не е реализиран, следејќи ги насоките и препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) заради почитување на законските прописи, како и избегнување на било какво влијание во рамки на изборниот процес“, се наведува во реакцијата.