Утрински Весник
Економија

Прв состанок на Платформата „За татковината со љубов“

Прв состанок на Платформата „За татковината со љубов“

Политики коишто резонираат со потребите на реалниот сектор и на потребите на граѓаните како и наоѓање на системски решенија за решавање на проблемите се вредности по кои се водам при секојдневното донесување на одлуки. За да сме сигурни дека решенијата и политиките се одржливи и соодветни, сметам дека е од исклучителна важност тие да се донесени преку инклузивен процес на сите засегнати страни, кажа во своето воведно излагање на првиот состанок на Платформата „За татковината со љубов“, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Платформата „За татковината со љубов“, е иницирана токму од Битиќи за поголема вклученост на експертската јавност и професионалците од сите економски сфери во носењето на државните политики и отворање на вратата за сите добронамерници коишто сакаат да придонесат за економскиот развој на Северна Македонија.

„Вредноста на инклузивноста и намерата за стратешко среднорочно и долгорочно планирање на економскиот развој е отсликана во платформата „За татковината со љубов“. Таа ќе претставува советодавно тело кое ќе служи за доброто на државата и ќе има за цел – економски развој, креирање на предвидлива бизнис клима и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Преку оваа Платформа ќе се обединат и ќе дискутираат водечките економски експерти во земјава од повеќе различни области: макроекономија, јавни финансии, даноци, инвестиции, царина, претприемништво, човечки капитал, стратешко планирање и др. Оваа платформа ќе биде ризница на знаење и искуство од домашни експерти и истата нема да прави поделба по политичка, родова, етничка или било каква припадност, напротив ќе спојува, создава и движи напред во насока кон одржлив и стабилен економски развој“, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот посочи дека идејата е преку оваа Платформа да се соберат најдобрите економски умови коишто мислат добро на државата и преку заеднички влог да се креира нашата иднина.

Во ова неформално тело, покрај вицепремиерот за економски прашања, поканети се да даваат свои мислења и да дискутираат поранешни министри, универзитетски професори, економски експерти од граѓански организации и стопанственици, без разлика на нивната политичка наклонетост, родова или етничка припадност, за да се креираат најдобри можни системски решенија, стратегии, политики и мерки за побрз и одржлив економски раст и развој.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk