Утрински Весник
Македонија

ФИТР започнува со бесплатни вебинари со глобални експерти од светски брендови

ФИТР започнува со бесплатни вебинари со глобални експерти од светски брендови

Преку споделување на знаење и научени лекции од светски експерти, Фондот за иновации и технолошки развој започнува со имплементирање на долгорочна стратегија за инвестирање во претприемачите и македонскиот стартап сектор.

Во рамки на новиот серијал бесплатни вебинари наречен #FITR CLASSROOM, два пати во месецот глобални експерти од најголемите светски брендови во различни области ќе го споделуваат своето искуство и препораки, соопштија од ФИТР, посочувајќи дека ова е првата од повеќето иницијативи со кои Фондот ќе инвестира во знаењето на македонските претприемачи и стартап заедницата, како придонес за нивен раст и дополнителен развој.

„Првиот интерактивен вебинар е на 25 ноември година во 19 часот со Марвин Лиао, поранешен партнер во „500Startups“ и еден од најеминентните инвеститори во Силиконската долина. Тој ќе се осврне на тактиките, процесите и системите за ефективен влезен маркетинг и продажба, теми кои ќе ве одведат кон подобар и побрз раст. Влезниот маркетинг и продажбата им помагаат на сите видови бизниси да растат подобро, но постојат и посебно истакнати тактики кои можат да го катапултираат растот, особено на стартапите“, велат од ФИТР.

Инаку, Марвин Лиао има повеќе од 19 години искуство во вложувања во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи. Тој ја води акцелераторската програма во Сан Франциско, а истовремено инвестира и во договори за почетен капитал. Неговите инвестиции се насочени кон дигиталните медиуми, рекламни технологии, маркетинг „облаци“, е-трговија и мобилни стартапи низ целиот свет. Претходно тој имаше извршна функција во „Yahoo!“ повеќе од 10 години.

Повеќе информации за вебинарот и начинот на пријавување на официјалниот фејсбук профил на ФИТР.

Следниот вебинар ќе биде на 9 декември на тема „Брендирање на вработените“, т.е. employee branding со претставник од Фејсбук.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим