Утрински Весник
Македонија

(Видео) Шахпаска: Нулта толеранција за насилство врз жените и семејното насилство, очекуваме поддршка и од пратениците

(Видео) Шахпаска: Нулта толеранција за насилство врз жените и семејното насилство, очекуваме поддршка и од пратениците

Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство за Министерството за труд и социјална политика е главен приоритет и оттука ова законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

„ Овој Закон е важен дел од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во декември 2017 година“ рече министерката.

Таа изрази убеденост дека Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во собраниската процедура ќе добие поддршка и од опозицијата, бидејќи насилството не познава партиска определеност, насилството не познава верска или етничка припадност, општествен или имотен статус.

„ Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување,“ рече Шахпаска.

Таа истакна дека насилството врз жените и семејното насилство не се приватна работа и затоа државата треба преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство.

„ Токму затоа е важно сите заедно да застанеме зад ова законско решение, кое е подготвено во соработка со експерти и невладини организации и решение кое значи надградба на постојниот систем и зајакнување на севкупниот институционален одговор на родово-базираното насилство.

Поддршката што ја обезбедуваме во делот на информирањето, советувањето и привремениот престој за:
– жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и нивните деца;
– жените жртви на сексуално насилство и силување;
– жртвите на трговија со луѓе, како и
– жртви на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет, е во согласност со стандардите предвидени во Истанбулската конвенција, информираше министерката.

Таа истакна дека оваа поддршка ќе биде обезбедена од институциите на системот – социјалната заштита, здравствените установи, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, здруженијата и единиците на локалната самоуправа. Како и дека Законот предвидува надлежните институции во постапките за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство да постапуваат итно и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата, а со цел заштита на жртвите и нивна реинтеграција во системот.

„Судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.

Жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, а товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи согласно закон, а жртвите се ослободени од судски трошоци во текот на судската постапка,“ посочи министерката.

Таа истакна дека Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е навистина сеопфатен и овозможува конкретна заштита и поддршка за жртвите.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Дали поради Христовски ќе се скараат Апасиев и носителот на Левица во ИЕ6?

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на нејзиниот Конзулат во Куманово

ОЈО бара притвор за три лица за предизвикување меѓунационална омраза за вчерашните инциденти со македонското знаме