Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на сегашната министерка за одбрана Радмила Шекеринска на 27 април 2017 година во Собранието. Директорот на затворот „Идризово“ Александар Донев за „Макфакс“ вели дека Ангелов ја одлежал казната.
„Тој беше осуден за насилство и прв дојде на одлежување на казната во Идризово. Беше осуден на четири години, но одлежа две години и девет месеци оти доби амнестија 30 отсто од казната, а од нашата установа му беше скратен еден месец. Тој се однесуваше примерно, беше речиси незабележлив. Нема ништо негативно забележано за него во нашата установа“, изјави директорот Донев.
На 27 април 2017 година Ангелов упадна во Собранието заедно со групата насилници. Објавените снимки покажаа дека прво му се заканува на лидерот на СДСМ, а потоа ја влече за коса сегашната министерка за одбрана Шекеринска.
Ангелов на судењето го призна делото и рече дека искрено се кае за стореното.
„Се извинувам кон целата јавност за тоа грозоморно дело што го направив и им се извинувам на оштетените во оваа кривична постапка. Не ми беше целта да ја повредам, туку да ја тргнам настрана. Во тоа тргање можеби употребив повеќе сила“, рече Ангелов на почетокот на судскиот процес против него.