Утрински Весник
Македонија

Општина Прилеп гради спортско-рекреативен комплекс кај вештачкото езеро

Општина Прилеп гради спортско-рекреативен комплекс кај вештачкото езеро

На локација кај прилепското вештачко езеро започна изградбата на спортско-рекреативен комплекс, којшто ќе им служи на граѓаните за спорт и рекреација, за одржување на културни, музички настани и забави, за прошетки и посета на овој дел од градот, којшто е целосно запоставуван со децении наназад.

– Проектот „Нови авантури, нови можности“ го изработи Општина Прилеп во соработката со Владата, а апликацијата ја поднесе Светска банка. Проектот е финансиран со 6 милиони денари од буџетот на Општина Прилеп и 44 милиони денари ќе бидат обезбедени од фондовите на Европската унија. Проектот ќе биде целосно реализиран во следниве 2 до 3 месеци. Почнати се веќе градежните работи на спортско-рекреативниот комплекс „Прилепско Езеро“, којшто треба да го врати изгубениот сјај на вештачкото езеро, со цел оваа месност да го добие епитетот излетничко место, како што беше некогаш. Мојата заложба за реализација, е овој проект да биде во функција на сите, но особено на младите, за да можат овде да рекреираат, да се дружат, забавуваат, во природа да се одржуваат културни манифестации – изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Проектот предвидува повеќе содржини. Се гради пристапна улица во должина од 35 метри, со уреден паркинг простор за 20-ина возила, се градат две пешачки патеки кои кружат околу спортско-рекреативниот центар во должина од 750 метри. Во рамки на комплексот се градат две спортски игралишта, кошаркарско и одбојкарско. А, од страните се предвидени две пинг-понг маси за рекреација на љубителите на овој спорт.

Во центарот на овој комплекс, којшто ќе биде осветлен, е предвиден мулти-медијален простор, со 20-ина клупи за седење и три летниковци. Веќе е направена платформата, каде што ќе се изведуваат, културни манифестации, забави, концерти и сл.

Прилепчани веруваат дека со реализација на проектот, кој предвидува максимално осветлување на локацијата, ќе се стопира дрвокрадството во овој дел од Прилеп. Како вообичаена, со години наназад е сликата на колони патнички возила и шпедитери секој ден, масовно товарени со свежо сечени дрва, да се упатуваат кон градот, а потоа на разни локации, исто така бесправно по пониски цени да продаваат дрва за огрев во и вон градот.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј

Кос: Македонија да го промени Уставот и потоа навистина да го забрзаме процесот

Министерот Таравари по вчерашниот колапс се одмара дома