Утрински Весник
Македонија

Кекеновски поднесе жалба откако Обвинителството ја отфрли неговата пријава против ДИК

Кекеновски поднесе жалба откако Обвинителството ја отфрли неговата пријава против ДИК

Јове Кекеновски, лидерот на партијата ФРОДЕМ, дел од коалицијата „Никогаш Северна – Само Македонија“ денеска поднесе жалба против решението на Основниот јавен обвинител во однос на кривична пријава, која тој ја поднесе против Оливер Дерковски и останатите членови на Државната изборна комисија (ДИК).

Кекеновски во пријавата навел дека седумтемина пријавени, ги лишиле избирачите на предвремените парламентарни избори од правото да гласаат за коалицијата „Никогаш Северна – Само Македонија“, така што на гласачкото ливче наместо официјалното поднесено и прифатено име на Коалицијата, било наведено името само на една политичката партија од истата, односно Единствена Македонија.

Во донесеното Решение од 07. септември со кое е отфрлена кривичната пријава, Основниот Јавен обвинител ценел дека пријавените не презеле противправно дејствие во кривично правна смисла, поточно дека при организацијата и спроведувањето на предвремените парламентарни избори за 2020 година Претседателот и членовите на ДИК постапиле согласно нивните законски надлежности.

Кекеновски смета дека Основниот јавен обвинител погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба и неоправдано и незаконски ја отфрлил поднесената кривична пријава.

„Основниот јавен обвинител и покрај очигледните факти и докази не согледал (намерно или ненамерно) дека одредбите од Изборниот законик се селективно применети од страна на Претседателот и членовите на ДИК во фазите на изборниот процес. Не е можно одредбите на Изборниот законик претседателот и членовите на ДИК да ги применуваат во одделни фази од изборниот процес и постапка, а додека во останатите фази од процесот и постапката истите да не важат. Оттаму сметам дека Виштото јавно обвинителство недвосмислено треба да ја прифати поденесената Жалба на донесеното Решение“, се вело во жалбата поднесена од претседателот на ФРОДЕМ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава