Утрински Весник
Култура

„Охридско лето“ и македонските уметници со постхумен концерт му оддадоа почит на композиторот Томе Манчев

„Охридско лето“ и македонските уметници со постхумен концерт му оддадоа почит на композиторот Томе Манчев

Фестивалот „Охридско лето“ синоќа организира концерт со кој му оддаде почит на истакнатиот македонски композитор Томе Манчев. Ова е првиот постхумен концерт што ќе остане запаметен и како прво јавно обраќање кон публиката по неговата ненадејна смрт во април годинава која се случи за време на пандемијата и здравствените рестрикции поради што неговите блиски, колеги, пријатели и почитувачи на делото, не можеа достојно да го испратат и да му се заблагодарат за сѐ што направи за македонската музичка култура.

„За жал, нашиот професор и композитор на македонската класична сцена, нѐ напушти годинава и не го дочека неговиот 70-ти јубилеен роденден“, рече селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Даница Стојанова која најавувајќи го концертот во предворјето на духовниот храм „Света Софија“ ја повика публиката со едноминутно молчење да му оддаде почит на Манчев.

Модератори на вечерта посветена на композиторот Манчев беа обоистката Маја Чанаќевиќ, негова внука, како и композиторката Валентина Велковска Трајановска, и двете негови студентки.
Како што истакна Чанаќевиќ, оние кои го познаваа нејзиниот вујко Томе Манчев, знаат дека тој навистина ја живееше музиката како ретко кој друг. До крајот на својот живот, додаде таа, Манчев се држеше до постулатот дека потребата да се твори е основниот мотив на неговото живеење.

„Да се зборува за една личност којашто беше толку сестрана во животот, а особено во полето на музичката уметност, истакнувајќи се, но и оставајќи трага, не само како композитор, туку и како музички педагог, истражувач и публицист е навистина тешка задача. Во текот на својот музички плоден живот, напишал огромен опус на композиции кои верувам ќе останат да живеат во рацете на бројните генерации музичари. Голем е бројот на студенти и композитори кои ја имаа привилегијата да го учат музичкиот и композиторскиот занает од него. Зад себе остави и голем број на публикации и истражувачка работа, во кои секогаш со огромен жар пишуваше за музиката“, рече Чанаќевиќ.

Според неа, Томе Манчев бил строг, но праведен професор, а знаењата што им ги пренесувал на студентите се бесценети.

„Како личност беше бескомпромисен во секоја смисла на зборот, и кон себе и кон својата работа, но и кон сите оние кои се обидуваше да ги научи на вистинските вредности за музиката и професијата. Специфичен дух, интелигентен, бескрајно музикален, чесен, педантен до совршенство во работата, но и во животот. Беше перфекционист и за него сѐ мораше да биде доведено до совршенство, звукот, изведбата, творењето, работата, секојдневието….Имаше огромна почит кон неговите учители, кон татковината, родната Македонија“, кажа Чанаќевиќ.

Осврнувајќи се на обемното творештво на Манчев, композиторката Валентина Велковска Трајановска рече дека тој беше и ќе остане истакнат композитор со маркантно творештво, педагог што целосно и несебично им се посвети на студентите до последниот момент од животот, музички писател и истражувач што поставуваше параметри каков треба да биде ликот на стручно и квалитетно изработен труд и општестествен деец кој поаѓаше од парадигмата дека секој треба да ја сака татковината повеќе од себеси и да биде добар и искрен човек.

„Композиторот Томе Манчев беше голем човек со исклучителна професионалност, со целосна посветеност и неисцрпна инспиративност, ментор што несебично ги споделуваше своите идеи, искуства и огромно знаење. Композитор и професор што приоѓаше кон секој проблем со перфекционизам, со стремеж, тоа што ќе се изработи и создаде да биде совршено и беспрекорно, а во неговите дела совршенството го исполнуваше со длабока емотивност, со силни чувства и јасна национална определба која произлегуваше од неговата бескрајна почит кон музичкото наследство на македонското поднебје и мислата водилка да се осмисли нешто ново што не е досега создадено. Кон сите прашања, дела, трудови, композиторот Манчев приоѓаше на единствен, за него препознатлив и непопустлив начин, секој збор, секоја мисла, секоја нота да бидат избрани откако најмалку дваесет пати ќе осмислат, проверат, прегледаат, сѐ дури не го добијат своето идеално значење“, рече Велковска Трајановска.

Во рамките на постхумниот концерт истакнатите македонски уметници баритонот Горан Начевски, Марјан Милошевски на фагот, пијанистките Весна Ангеловска-Христов, Елена Атанасовска –Ивановска и Маја Шутевска –Кировска, виолинистот Љубиша Кировски и Антоние Весковски на ударни инструменти, изведоа композиции од различни периоди во творештвото на композиторот Томе Манчев.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“