На 22 јули годинава Александар Кирковски, планинар и планински тркач, реализира брзинско искачување на врвот Пелистер 2601 мнв со старт од Инфоцентар по патеката “преку Болници“.
Рутата до врвот и назад е долга вкупно 19 километри со 1200 висински метри, а Александар ја мина за вкупно 2 часа 05 минути и 31 секунда (1 час 16 минути успон, 49 минути спуст) што претставува најдобро регистрирано време досега на планината. За време на овој потфат имаше поддршка од битолските планинари: Горан Кузмановски, Саша Грбиќ, Стефан Петровски, Даниело Божиновски и Влатко Гроздановски.
Претходниот рекорд на оваа патека изнесуваше 2 часа 10 минути, а постои реално очекување во планинската заедница дека во иднина е можно оваа дистанца да се мине под 2 часа.
Брзинските искачувања на високите планини се актуелни од 90-тите години на Алпите, а во последните десетина години доживуваат светска популаризација. Со појавата на коронавирусот и откажувањето на најголем дел од спортските настани ширум светот, се повеќе спортисти се насочени кон различен тип на индивидуални потфати.
Во претходните неколку години Кирковски има реализирано брзински искачувања на повеќе светски врвови како Аконкагва 6962 мнв, Елбрус 5642 мнв, Мон Блан 4810 мнв, Матерхорн 4478 мнв и други.
> (Видео) Александар Кирковски за рекордно време реализира брзинско искачување на Пелистер <