
Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски го освои третото место на 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, што се одржа денеска низ улиците на главниот град.

Ивановски ја истрча патеката од 42,195 километри за 2 часа, 13 минути и 49 секунди, завршувајќи само 53 секунди зад победникот, Кениецот Дерик Чеге Њороге.
Њороге триумфираше со време од 2:12:56 часа, додека второто место го освои неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи со 2:13:21 часа.
Во женската маратонска трка победи Долфин Кемунто Нијагака од Кенија. Македонскиот претставник Жан Тошев го освои осмото место во машката конкуренција.
Кениските атлетичари беа најбрзи и на полумаратонот. Кај мажите победи Кенеди Роно со време од 1:05:27 часа, пред Киптум Кимаијо со 1:06:12 и Џон Куриа со 1:07:00. Муџахид Мислими беше најдобро пласиран македонски претставник, на четвртото место.
Во женскиот полумаратон триумфираше Валентин Жебет, а Дарија Крстевска заврши шеста и беше најуспешна меѓу македонските натпреварувачки.

На трката на пет километри победија Андреј Арсов во машка и Ирма Хајдари во женска конкуренција.

