Утрински Весник
Македонија

Интервју со професорот Рејмонд Акики од Американскиот универзитет на Европа ФОН

Интервју со професорот Рејмонд Акики од Американскиот универзитет на Европа ФОН
(ПР текст)

1. Зошто АУЕ-ФОН?

– Р.А: Зошто АУЕ-ФОН? Затоа што оваа земја заслужува Американски систем. АУЕ има поразличен пристап на предавање, различен од моменталниот систем кој е прифатен од страна на институциите во Македонија. Ние како институција не сакаме да се натпреваруваме со веќе постоечкото високо образование во земјата, но сепак сметаме дека младите и генералната популација во македонија имаат право на различен тип на едукација. Наша цел е Македонија да се гордее со прифаќање на една светска институција која работи со луѓе низ целиот свет.

2. Дали би можеле да ни кажете нешто повеќе околу бордот на доверители?

– Р.А: Нашиот борд на доверители е составен од лауреати и познати научници. „Титаниум Капитал“ ни го претстави бордот при што го замоли да ни помогне да имплементираме еден поширок и подетален образовен систем. Членовите на овој борд се признати експерти во своите полиња. Исто така, бордот ќе помага со грантовите наменети за Македонците, како и нивните потреби и се останато.

3. Каков е Вашиот генерален став за македонското образование?

– Р.А: Нема да критикувам. Но сепак, сметам дека образованието е елемент, право, основно неотуѓиво право, составен дел од човековите права кои ги гарантираат Обединетите Нации. Тоа не е правно прашање, не е фиксно, туку е непрекинат труд и напор, и целта на образованието е да го подобри интелектот. Тоа значи дека образованието мора да оди во линија со потребите на луѓето, наместо со постоечката легислатива.
Поради тоа ние проценивме дека оваа земја мора да стави акцент на некои области кои не се опфатени од сегашниот образовен модел, поради што ги претставуваме овие програми кои придонесуваат кон потребите на земјата во сектори како што е прехрамбената индустрија. Македонија извезува само индустриски прехрамбени производи. Со нашата програма може да се стекнете со знаење како да го продолжите рокот на траење на продуктите. На пример, вчера видовме едно црешово дрво. Црешите се познати по тоа што имаат кус рок на траење, 2-3 дена. Со обработка на црешите нивниот рок се продолжува, а со тоа не само што може да ги извезувате туку и да ја кренете нивната вредност и да го зголемите производството, па наместо да продадете еден продукт вие ќе продавате многу повеќе.
Физиотерапијата е уште една програма на која не се обрнува многу внимание и поради тоа ние сакаме да ја претставиме медицинската перспектива на оваа гранка, наспроти техничкиот курс.

Ние продолжуваме да ја следиме средината во Македонија за да може да воведеме програми кои ќе бидат соодветни на потребите за развојот на оваа земја, како и да создадеме поразновидна работна сила. Ако ја погледнете моменталната состојба во земјата може да заклучите дека има многу повеќе адвокати од земјоделци (производители) и затоа мора да започнеме со производителен процес.
Во никој случај не ги потценувам адвокатите. Но сепак, сметам дека работната сила мора да биде поразновидна и да се стави поголем акцент на производството и извозот.

Во земјата мора да има поголем прилив на странски валути, а тоа значи дека мора да произведува и продава нешто што ќе се купува на меѓународниот пазар. Моменталниот образовен модел е заглавен во една димензија, и ние компензираме и додаваме повеќе од она што е веќе развиено, наместо да критикуваме. Затоа и пробуваме да го воведеме американскиот систем.

4. Која е главната цел на АУЕ?

– Р.А: Главната цел на АУЕ е да понуди флексибилна основа за образование. Во 21ви век оние кои сакаат да се едуцираат најчесто бараат флексибилен систем, поради тоа што многу од родителите на студентите не се во можност да плаќаат за нивните студии па така многу често може да видите студенти кои работат и студираат истовремено. Првата главна цел на овој модел е да создаде можност за студентите да работат и да студираат, како и да си ги покриваат трошоците за студиите. Втората главна цел е да понуди либерален систем во чиј фокус е студентот наспроти старите модели на образование каде фокусот е на професорите. Студентите се главната цел на нашата мисија. Сакаме да им помогнеме да ги гледаат нештата од поинаков агол и да ги продлабочат своите размислувања. Сакаме да имплементираме разновидност и да донесеме студенти од цел свет создавајќи мешавина од луѓе кои ќе придонесат за збогатување на културата при што тие ќе прифатат елементи од македонската култура.

5. Дали би сакале да направите куса споредба меѓу студиите на АУЕ-ФОН и високо-рангираните универзитети во Америка? Кои се придобивките за студентите на АУЕ-ФОН во Македонија?

– Р.А: Кога правевме споредби помеѓу нас и престижните американски институции се обидовме да бидеме целосно синхронизирани со американскиот образовен систем. Сепак, се уште сме во процедура на адаптирање на македонските закони со американската структура за образование. Сметам дека со помошта од македонските власти кои беа навистина отворени и ни дозволија да мигрираме кон американскиот систем, наскоро ќе можеме да бидеме во иста линија со американските правила. Штом ја добиеме акредитацијата од американскиот борд, ќе бидеме целосно компатибилни и еднакви со било кој престижен универзитет во Америка. Доколку дозволи македонската легислатива ние целосно би го имплементирале овој модел, па така нема да заостануваме зад универзитетите во САД. Всушност, ние моментално соработуваме со престижни американски институции со цел да го достигнеме нивното ниво.

Што се однесува до придобивките за студентите, Македонските студенти ќе имаат слобода на избор. Некогаш студенттите се запишуваат на факултет и покрај тоа што не се сигурни во своите одлуки. Со овој систем тие ќе можат да се запишат на некој смер, а подоцна да се префрлат на друг без да изгубат време и пари. Студентите по овој модел ќе може да го инвестираат преостанатото време да работат и учат. На овој начин тие ќе може независно да се грижат за своите лични потреби без да бараат од родителите да ги покриваат трошоците за нивната школарина. Студентите ќе може да се определат и за помал број кредити зависно од можностите на нивните родители и без проблем да го продолжат своето образование.
За студентите кои се на пониско ниво ќе бидат обезбедени курсеви со цел да може да ги следат часовите и да го продолжат своето образование. Американскиот систем не прифаќа студенти кои се откажале. Нема да дозволиме ниту еден студент да нема можности да студира бидејќи тоа е основно право, според ОН. Ќе сториме се во наша моќ да им помогнеме на учениците да земат диплома и да ги достигнат стандардите.
Кога ќе им биде потребно повеќе време ќе им дадеме повеќе време во случај да не се спремни да ги исполнат своите финансиски обврски. Тоа е разликата во двата системи.
Згора на тоа ќе нудиме и дополнителни образовни програми. Ако сте завршиле со студиите и нешто ново е додаено на образовното тело, ние ќе бидеме подготвени да го понудиме тоа за да одите напред и се развивате.

6. Би сакал да се навратиме на темата за вашата соработка со Американските универзитети и да прашам која е вашата дефиниција за образовен систем за пример и зошто го одбравте токму универзитетот во Мајами за соработка?

– Р.А: Се решивме за соработка со американска институција бидејќи се обидуваме да го воведеме тој систем тука. Ќе се обидеме подробно да го истражиме нивното искуство со тој систем бидејќи се работи за институции кои се далеку постари од локалните. Конкретно, Универзитетот во Мајами има двеста годишна традиција, а нивното огромно искуство е вредно за понатамошни истражувања. Тие се вбројуваат во листата на најдобрите 100 универзитети во светот, па така на студентите на АУЕ-ФОН им се овозможува пристап надвор од македонските граници и токму тоа е она што сакаме да го понудиме. Исто така, тука вреди да се спомене и нивното искуство во поглед на различностите. Па така, постојат комбинирани курсеви помеѓу нашиот универзитет и тој во Мајами, кои овозможуваат две гледишта сконцентрирани во една училница. Така студентите добиваат поширока слика за нивните аналитички способности, односно една локална и една интернационална т.е Американска што понатаму би помогнало во проширување на видиците.

7. Како пандемијата со Ковид-19 ја менува иднината на образованието и кои се вашите ставови за тоа како да се продолжи понатаму?

– Р.А: Би сакал да одговорам на ова прашање на нестандарден начин бидејќи, сите тргнуваат од иста гледна точка. Моето мислење е дека технологијата никогаш досега не се уназадила и во тој контекст искуствата со настава од дома, искористувајќи ја технологијата, водат напред, а враќањето на традиционалната училница претставува враќање чекор наназад. Оттаму сметам дека во светски рамки образовниот систем се повеќе ќе ја имплементира наставата од дома (тука не зборувам за учењето на далечина бидејќи станува збор за различен концепт) и ќе опфаќа различни студенти од различни страни на светот, а со тоа ќе имаме мешани и разновидни училници. Можноста да се има повеќе од еден предавач во една училница е вистинско богатство. Сепак, прашањата за практичната настава во овие околности остануваат отворени и секако би барале поголема технолошка подготвеност. Јас се трудам да гледам на иднината по Ковид-19 со позитивни мисли и надежи и знам дека секогаш на крајот светлината преовладува.

8. Дали предвидувате дека различностите би имале клучна улога во обликувањето на начините на предавање на АУЕ-ФОН и кои се негативните аспекти?

– Р.А: Да. Различностите обликуваат на тој начин што студентот е изложен на различни гледишта, односно тој се наоѓа во мешана средина. Со текот на времето тој студент ќе научи да ги цени различностите и ќе усвои различни начини на справување со дадена ситуација, притоа зголемувајќи ги неговите аналитички способности. Државата ќе биде отворена кон прифаќање на културните различности наместо да остане во рамките на националното. Во таа смисла, изложувајќи се на различни начини на размислување и идеи, студентот е подготвен да ги развива своите потенцијали и да ги проширува видиците па така, се отвораат можности за развој на нови бизниси, туристички идеи и маркетинг. Кога студентот го познава другиот, знае како да се обраќа, како да комуницира, а при работењето со различни луѓе веќе го познава и нивниот ментален склоп, начин на размислување, тој станува поспособен да одговори и да ја реши било која ситуација или следен подвиг.
– Што се однесува до негативните аспекти од различностите, лично не ги препознавам, и не очекувам цивилизациски судири, а впрочем тоа е и нашата улога, да се обидеме да ја намалиме постоечката тензија бидејќи на крајот тоа е и целта кон која што се стремат ОН. Нашата мисија е да се придржуваме до агендата 2030 на Обединетите Нации и да го застапуваме интеграцискиот пристап наместо сегрегацискиот. Постојано работиме кон интегрирање на регионално ниво бидејќи свесни сме дека луѓето во Македонија се насочени кон ЕУ, но истовремено наместо да се ограничуваме само на Европа, се трудиме да ги прошириме тие хоризонти.

9. Какви се вашите претходни искуства со образовниот систем?

– Р.А: Моето искуство е глобално. Повеќе од 30 години патував низ светот, предавајќи на различни места, на различни јазици и пред мноштво слушатели што истовремено ми носеше возбуда, но и искуство. Оттаму, кога ќе се искомбинира авантуристичкото гледиште со вашата моментална цел, наместо работа добивате забава, и со текот на времето, изложени на повеќе ситуации станувате посвесни и поспособни за нивно анализирање. Исто така ќе бидете и поотворени за прифаќање на нови предизвици и задачи. Во образовниот процес сум повеќе од 20 години, а исто така имам и 15 годишно искуство во компании во Кипар, Катар, Ирак и Либан, што го збогатува моето искуство.

10. Зошто ја избравте Македонија како дестинација за вашите подвизи?

– Р.А: Македонија е многу слична со Либан во поглед на разновидното население, сензибилитетот, природата како и потребите. Впрочем кога ќе размислам, не гледам никаква разлика помеѓу овие две земји. Кога сум во Македонија се чувствувам како дома.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Честитка од ВЛЕН по повод 28 Ноември – Денот на независноста на Албанија

СДСМ: Јаловите напади на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за нивната нервоза и страв од промените во СДСМ

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации