Скопското Основно јавно обвинителство Скопје донесе наредба за истражна постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторило кривични дела – тешки дела против општата сигурност и недозволено држење на оружје.
Како што информираат од обвинителството, осомничениот, на 23 јули, на булеварот „Никола Карев“ неовластено држел пиштол и предизвикал опасност за животот и телото на еден оштетен.
Осомничениот и неговиот брат со автомобил пристигнале на местото на настанот, пред влезот на една продавница за да го бараат долгот од 10.000 евра.
Во продавницата биле присутни должникот, неговиот брат и неговиот татко, при што настанала вербална расправија, а потоа и тепачка.
Во еден момент, осомничениот извадил пиштол марка „берета“, калибар 9 милиметри и испукал куршум. Притоа го погодил таткото на должникот во пределот на ногата и му нанел тешка повреда.
По ова, осомничениот и неговиот брат избегале од местото на настанот.
Со цел непречено водење на постапката и обезбедување присуство на осомничениот, надлежниот јавен обвинител предложил да бидат определени мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска осомничениот да се јавува повремено кај надлежен орган, привремено одземање на пасош и лична карта, како и забрана за приближување и контакти со оштетениот и со неговите синови.