Полска би можела повторно да воведе мерки за карантин за луѓето од одредени држави кои се враќаат во земјата.
Ваквата намера следи откако било забележано зголемување на бројот на заразени со коронавирус, објасни владиниот портпарол, Пјотр Милер.
„Размислуваме за воведување на карантин за одредени земји од ЕУ и надвор од ЕУ“, изјави Милер за приватната телевизија „Полсат њуз“, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Тој истакна дека Шпанија и Франција се земји што предизвикуваат загриженост поради вирусот и најави дека владата може да ја објави таа одлука во наредните неколку дена.
Полска исто така се соочува со зголемување на бројот на заразени.
Во саботата беа регистрирани 584 случаи на коронавирус, што е втор најголем број на заразени на дневна основа од почетокот на епидемијата.
Во средата беа пријавени уште 512 случаи на коронавирус, со што вкупниот број на инфицирани порасна на 44.416, а засега во земјата има региустрирано 1.694 смртни случаи.