Утрински Весник
Македонија

Партиите потпишаа Декларација за приоритетно донесување на Законот за недискриминација

Партиите потпишаа Декларација за приоритетно донесување на Законот за недискриминација

Седумнаесет политички партии ја потпишаа Декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) која им беше доставена од страна на девет мрежи на здруженија на граѓани, кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија.

Со барањето доставено до сите политички партии кои учествуваат на предвремените парламентарни избори, Мрежата за заштита од дискриминација бара поддршка на ЗСЗД од страна на идниот парламентарен состав.

„Од една страна сме задоволни што голем број политички партии ја поддржаа декларацијата. Помеѓу партиите поддржувачки има политички партии со различна идеолошка позадина, различна големина, моќ и искуство во законодавниот дом. Но, од друга страна, за жал, после 10 години од донесувањето на првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација сѐ уште има партии кои не ја поддржуваат нашата борба за поеднакво општество без дискриминација“ посочуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Граѓанските здруженија потенцираат дека еднаквоста на граѓаните не е прашање на политичка волја, туку претставува уставна обврска за сите пратеници и за секоја влада, и предуслов за напредок, демократија и благосостојба.

Од здруженијата изјавија дека активно и будно ќе ги потсетуваат политичарите на оваа обврска и ветување, повторно апелирајќи идниот состав на Собранието веднаш да го донесе новиот Закон за спречување и заштита од дискрминација.

Декларацијата ја потпишаа политичките партии Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонијa, ДЕМОКРАТИ, Демократски сојуз (ДС), Зелена партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединета партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР), Партијата за движење на Турците (ТХП), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Партија за економски промени 21 (ПЕП21), Партија на пензионери (ПП), Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Сојуз на Ромите на Македонија, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Твоја партија.

Мета.мк и претходно пишуваше за неопходноста на овој закон, како и за последниците со кои се соочуваат граѓаните во државата поради бавното донесување на истиот.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме