Утрински Весник
Македонија

АХВ: За да се избегне труење со храна, одберете места со добра репутација

АХВ: За да се избегне труење со храна, одберете места со добра репутација

За да се елиминира можноста од труење со храна поради високите температури неопходно е да се направи правилен избор, набавка и транспорт на продуктите, советува Агенцијата за храна и ветеринарство и предупредува дека со порастот на температурите над 30 степени се зголемува опасноста од труење со храна.

„Храна да се купува од одобрени оператори, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и нејзино соодветно чување, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде производите се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува купување и да не се користи храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), а оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Месо, млеко и јајца да се купуваат на крај на пазарењето, а овие производи да се внимава не се чуваат долго време во автомобил и други транспортни средства каде температурите се многу високи,“ соопшти денеска АХВ.

Од таму советуваат, пред подготовка на храната добро да се измијат рацете, оладената храна да се чува на температура пониска од 5, а топлата храна на температура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер. Рацете често да се мијат во текот на подготовката на храната. Во фрижидер на најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти и глодари, но и од миленичињата и другите животни кои може да ја контаминираат.

„Доколку решите да консумирате купена веќе подготвена храна или да јадете во угостителски објект, одберете места кои имаат добра репутација. Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставите во ладилник или замрзнувач. Проверете дали лицето кое послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна, во објектите за брза храна, одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и сл,“ се додава во соопштението.

Советите од АХВ следуваат откако граѓани на социјалните мрежи се пожалија на труење со храна од една скопска сендвичарница.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Дали од 29 Ноември Балканот ќе го зафати нов студен и снежен бран?!

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја