– Во 2020 се одбележаа три важни годишнини кои се однесуваат на холокаустот, најголемото злосторство во современата историја на човештвото и најголемата трагедија која што еден народ – еврејскиот – ја има доживеано, а тоа се 75 години од ослободувањето на најголемиот нацистички концентрационен логор Аушвиц – Биркенау во кој што животот го загубија преку 1.1 милион луѓе, најголемиот број од нив Евреи, 20 години од усвојувањето на Декларацијата од Стокхолмскиот форум со која што државите потписнички, меѓу нив и Република Северна Македонија, се обврзаа да го негуваат споменот на жртвите на холокаустот и да ги унапредуваат образовните и истражувачки политики на планот на холокаустот, и 15 години од усвојувањето на резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која што 27 јануари е утврден како Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите на холокаустот, рече Спасовски.
Оттука и нашата трајна определба никогаш да не ги заборавиме жртвите на холокаустот, но и жртвите на останатите геноциди, да го негуваме и пренесуваме од генерација на генерација споменот на нив, да ги учиме младите генерации за она што се случи со цел никогаш, никаде и никому да не се повтори, рече Спасовски.
-Бевме меѓу првите земји кои ја усвоија работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот – ИХРА за антисемитизмот. На 10 март, 2020 година Владата го задолжи Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, во рок од три месеци да го преведе документот „Препораки за предавање и учење за холокаустот“ на ИХРА. Препораките се сега преведени и спремни за употреба, потенцира тој.
Препораките, вели, ќе помогнат да се развие знаење за холокаустот, со гаранција за точноста во индивидуалното разбирање и знаење, како и зголемување на свесноста за можните последици од анти-семитизмот, ќе се создадат средини за учење кои ќе поттикнуваат да се учи за холокаустот кои ќе помогнат да се спротивставиме на негирањето на холокаустот и на негова релативизација, ќе биде значаен придонес кон образованието за човекови права и превенција од геноцид. Препораките, според него, помагаат на правилен начин да се учи за холокаустот, со предлог за практични пристапи и методи кои се корисни за тоа во формалното и неформалното образование.
Спасовски е уверен дека овој прирачник ќе го најде своето место во образовниот систем на нашата земја зашто поуките од холокаустот остануваат поуки за сите генерации за борба против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, дискриминацијата и сите останати форми на кршење на човековите права. сст/дма/