Утрински Весник
Македонија

Рот: Западен Балкан ќе остане многу важно прашање за време на германското претседателство, Северна Македонија и Албанија да продолжат со реформите

Рот: Западен Балкан ќе остане многу важно прашање за време на германското претседателство, Северна Македонија и Албанија да продолжат со реформите

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Германија ќе остане силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Иако нашето претседавање ќе биде под големо влијание на КОВИД-19, Западен Балкан ќе остане многу важно прашање за време на германското претседателство, рече германскиот државен министер за Европа Михаел Рот за време на денешната онлајн панел дискусија со министерот за надворешни работи Никола Димитров и албанскиот министер Гент Цакај.

Рот порача дека Република Северна Македонија и Албанија мора да продолжат со реформите и да ги забрзаат.

Интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, според него, е вин-вин ситуација, од која бенефит ќе имаат двете страни.

– Сите треба да работиме заедно. Членките на ЕУ треба да дадат согласност за преговарачката рамка базирана на новата методологија, а Северна Македонија и Албанија да продолжат со реформите и да ги забрзаат. Тоа е важно за двете земји. Некои членки на ЕУ ја потценуваат круцијалната улога на Западен Балкан за мир, стабилност и просперитет за сите. Тоа е вин – вин ситуација, не само за Западен Балкан, туку и за ЕУ, потенцира Рот.

Според државниот министер, покрај демократијата и мигрантите, Германија за време на претседателството во однос на Западен Балкан фокусот ќе го стави и на младите. Мора, како што објасни Рот, да се обезбеди квалитетно школство, зашто само со добро образовани млади луѓе земјите може да имаат квалитетна иднина.

Во овој контекст најави конференција за октомври или ноември со земјите од Западен Балкан која, напомена, во центарот на дијалогот ќе ги стави младите и нивните перспективи.

Панелот насловен „Што значи почетокот на пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија?“ почна во 17 часот попладнево, а го организира Фондацијата Фридрих Еберт. мч/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Лукаревска: Со гордост ја напуштам функцијата, на Фани ѝ посакувам успех во зацврстувањето на социјалдемократските вредности

Зоран Заев единствен државник од Балканот спомнат во мемоарите на Меркел

Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот на патот Велес – Градско