Париз, 23 јуни 2020 (МИА) – Француските клубови во вторникот гласаа да ја задржат Лига 1 со 20 екипи следната сезона, отфрлајќи го предлогот за зголемување на бројот на екипи на 22, што би ги спасило Амиен и Тулуз од испаѓање.
Двете екипи беа на последните две позиции во пласманот, кога првенството беше суспендирано на почетокот на април, поради пандемијата од коронавирус, но тие ја однесоа одлуката на лигата на судот, тврдејќи дека нивното испаѓање од елитата е „неправедно“.
Претходно овој месец Врховниот управен суд на Франција го блокираше нивното испаѓање сè додека судијата не нареди на Француската лига (ЛФП) да го преиспитаат, заедно со Француската фудбалска федерација, предлогот за промена на форматот за Лига 1 во следната кампања. Ова би можело да значи и зголемување на првенството за уште два тима, бидејќи промоцијата ќе остане, а оние кои треба да испаднат ќе го задржат нивниот статут.
Сепак, на Генералното собрание на клубовите од првата лига, како и на играчи и тренери, 74,49 отсто гласаа за задржување на Лига 1 со 20 екипи.
– Ова следи по темелна студија за последиците врз Лига 1 со 20, 21 или 22 клуба на календарот за следната сезона и здравјето на играчите. Студијата, исто така, го разгледа финансиското влијание, распределбата на телевизиските права и импликациите врз телевизиските договори, се вели во соопштението на ЛФП.
Амиен вети дека ќе ја продолжи борбата на суд, но гласањето ќе стави крај на фудбалскиот спор еднаш засекогаш, а следната сезона во Франција ќе започне на крајот на август и повеќето клубови веќе продолжуваат со тренинзите.
Одлуката за прекинување на сезоната предвреме доведе до првенството да се одлучува по бројот на освоени бодови, но тоа не го смени конечниот ранг на кој било начин. Тулуз, на дното на табелата неколку месеци и со само три победи и 13 поени од 28 средби, имаше 14 поени за спас. Амиен беше на оддалеченост од само четири бода од баражот. Лориен и Ленс освоија промоција на нивно место, додека вообичаените баражи за влез / излез беа откажани.