Утрински Весник
Македонија

Дебрани ја испочитуваа забраната за посета на гробиштата

Дебрани ја испочитуваа забраната за посета на гробиштата

Дебар, 6 јуни 2020 (МИА) – Дебрани, кои по традиција на задушница масовно ги посетуваа вечните почивалишта на нивните блиски, денеска не го направија тоа.

Тие целосно ја испочитуваа забраната за посета на гробиштата, но и советите од здравствените власти и надлежните институции да нема собири во и пред црквите.

-Ние православните постојани жители на Дебар сме малку по број, но за оваа задушница најмасовно беа посетувани гробиштата, бидејќи доаѓаат дебрани и од другите градови каде што сега живеат, Скопје, Битола, Охрид, Струга. Жал ни е што ете не можеме да ги посетиме, но имајќи ја во предвид опасноста од вирусот, ги почитувавме препораките на надлежните, ни рече Јованка Гиговска.

Со дел од дебрани со кои телефонски разговаравме ни рекоа дека многу малку од нив во четвртокот и вчера биле само да запалат свеќа.

Порано, кога тука живееле многу православни, обичај било рано наутро на Духовден, да се посетат гробиштата и да се стави ореово гранче. Но, во последната деценија ореовото гранче на гробовите се става во саботата, ден пред Духовден.

На влезната врата на градските гробишта Црковниот одбор има поставено и напишано соопштение со совети и препораки до верниците како треба да се однесуваат при посетата на горбиштата и задолжителните заштитни мерки што треба да ги почитуваат.

Во Дебар по 50-есет дена вчера беше регистриран нов случај со Ковид-19, со што повторно се врати чувството на страв кај жителите од оваа општина, која беше прво жериште на болеста. Инаку, вкупната бројка на заразени изнесува 52 лица, од нив 47 се излекувани додека четворица починаа. вт/бк/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме