Скопје, 28 мај 2020 (МИА) – За два месеца треба да биде завршена втората фаза од проектот за изградба на канализиациска мрежа во населените места Волково, Волково-Пржино, Кисела Јабука и Стопански Двор во Општина Ѓорче Петров. Со втората фаза од проектот се опфатени седум километри канализациска мрежа.
– Втората фаза на изградба е со вредност од околу 500 илјади евра и согласно договорите очекуваме да биде завршена до крајот на јули. Претходно изградивме 20 километри канализациска мрежа во овие населени места, со што значително го подобруваме животот на жителите, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид на градежните работи.
Покрај изградбата на комуналната мрежа, како што информира, во Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука се изградени 33 улици.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски потенцира дека со втората фаза и изградбата на фекалната канализација септичките јами се ставаат надвор од употреба и со тоа се заштитуваат бунарите во сливот на реката Лепенец.
– Ставаме крај на септичките јами и ги зашитуваме бунарите покрај Лепенец. Жално е што во 21 век разговараме за фекална каналзиација и асфалтирање на патишта, но тоа е нашата реалност и барам трпение од граѓаните. Преку Министерството за транспорт и врски обезбедени се околу 700 илјади евра со кои ќе бидат асфалтирани уште четири улици во овој дел од општината.Во тек е и изградба на спортска сала во УО Јоаким Крчовски, на кружниот тек за Волково и проширување на патот кон Кучково, се работи на лед осветлување, на базен што ќе го има првпат во нашата општина, рече Наумовски.
Како што нагласи Сугарески, приоритет и програмска определба на Владата е секаде каде што нема водовод и канализација да бидат изградени. На тоа се работело во изминатите три години, а има тековни 20 проекти за изградба и реконструкција на водоводи и канализации во вредност од околу десетина милиони евра. лв/сп/