
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за парите што ги даваат општините за субвенции и дотации на граѓаните. Истражувањето покажува дека:
- 63 општини во земјава лани потрошиле 4.056.482 евра за разна финансиска поддршка и дотации за жителите во општините.
- Ова е за речиси еден милион евра повеќе отколку во претходната 2024 година.
- Паричната помош е доделувана според 92 различни основи.
- Поединечните износи се движат до 100.000 денари за брак и 200.000 за фасада.
- Пари и помош биле доделени на вкупно 58.290 граѓани.
- Најмногу граѓани со помошта опфатиле Гази Баба и Кисела Вода, секоја по повеќе од 10.000 жители.
- Најмногу пари поделиле скопските општини Аеродром и Центар, секоја по повеќе од половина милион евра.
- Секоја општина применува свои правила, називи и основи за доделување на помошта.
- Нема воедначеност на сумите што ги исплатуваат општините за иста основа. За новороденче се исплатуваат од 3.000 до 30.000 денари, а за прваче сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари.
- Нејасно е дали општините имаат ингеренции за вакви дотации и помоши, особено што секоја општина применува различни правила, процедури, постапки, износи и категории.
До целото истражување можете да пристапите преку следниот линк.
* * *
63 општини во земјава, само ланската 2025 година, потрошиле 4.056.482 евра за разна финансиска помош и дотации за жителите во општините. Ова е за речиси еден милион евра повеќе отколку во претходната 2024 година. Реалната сума е сигурно и поголема, имајќи предвид дека многу општини не ги пријавија сите вакви давачки во одговорите на барањата за информации од јавен карактер.
Со помошта се опфатени вкупно 58.290 граѓани, и во споредба со претходната година, бројката е зголемена за речиси 13 илјади луѓе.
Пари се доделувани за вкупно 92 различни основи – од прво дете, првоодделенци, средношколци, млади, матуранти и сл. до лица во социјален ризик и пензионери. Исто така, доделувани се и училиштен прибор, ранци и дрва, а парична поддршка е давана и за купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети и печки за пелети, клима уреди и сл.
Субвенционирани се и сметки за комуналии, за полагање возачки, за превоз и за паркинг. Пари се давани за стапување во брак, за санација на покриви, за прозорци, за лифтови, за стипендии, а наградувани се првенци на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор.
Три скопски општини доделуваат помош по најмногу основи. Општина Центар доделува помош по 16 основи, односно категории. Следни се Кисела Вода и Гази Баба кои доделуваат помош по 12 основи. Сите други општини доделуваат помош по помалку основи.

Општините Арачиново, Боговиње, Брвеница, Бутел, Врапчиште, Дебар, Долнени, Желино, Јегуновце, Ново Село, Студеничани, Теарце, Тетово, Чашка, Чучер Сандево и Шуто Оризари одговориле дека немаат доделено вакви средства во 2025 и 2024 година.
Сарај, Чаир и Град Скопје воопшто не одговорија на барањето за информации за доделените средства.
100.000 денари за брак, 200.000 за фасада
Основа за која најмногу општини доделуваат парична помош е за секое новородено дете – за што пари даваат дури 50 општини, а 38 општини даваат пари и друга помош за првачиња. Највисок износ за првоодделенци, 8.000 денари, дава Општина Могила. За новороденчиња, најмногу пари, 30.000 денари дава Општина Старо Нагоричане.
Од другите основи, најмногу пари се доделувани за поправка на фасади и за замена на лифтови, над 200.000 денари.
Највисок поединечен износ што исплатила една општина е Конче, која дава по 100.000 денари на секое лице над 35 години кое стапило во брак.
Аеродром поделил вкупно половина милион евра на 10.000 жители
Најмногу пари за вакви дотации лани исплатила Општина Аеродром, дури 552.387 евра. Следна е скопската општина Центар со 507.481 евро. По нив следат Кисела Вода со 461.989 евра и Гази Баба со 415.172 евра.

Освен Аеродром, која и претходната 2024 година исплатила приближно ист износ на граѓаните, сите други пет општини од претходниот графикон ја зголемиле помошта за граѓаните во изборната 2025 година. Ова особено се однесува за Центар и Кисела Вода каде има позначително зголемување на вкупниот износ.
Скопската општина Гази Баба води според вкупниот број граѓани на кои им е исплатена некаква помош, 10.630, а речиси ист број граѓани, 10.511 се опфатени со помошта од Општина Кисела Вода.

Двете општини лани давале помош и за пензионери, и тоа ист износ, по 2.500 денари. Гази Баба исплатила 2.662 пензионери, а Кисела Вода 3.005. Други градоначалници, пак, ветувале ваква помош, ако победат на изборите. И Општина Центар давала помош за пензионерите, а во 2025 година вовела и училишни униформи кои ги поделила на 4.900 ученици.
Секоја општина со различни правила, износи, категории и називи
Речиси нема општини кои исплатуваат помош за исти основи, освен можеби помошта за првачиња и новороденчиња. Исто така, нема воедначеност ни меѓу сумите што ги исплатуваат општините за иста основа. Пример, за новороденче се исплатуваат од 3.000 до 30.000 денари, а за прваче сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари. И за првородено дете сумите се различни и тоа од 6.000 до 30.000 денари. Во категоријата „најдобар“ износите се движат од 5.000 за најдобар ученик до 30.000 за најдобар земјоделец.
Исто така се различни и програмите и буџетските категории од кои општините ја доделуваат паричната помош. Од ставката „градоначалник“, „субвенции и трансфери“, преку „социјална заштита“ и „социјални бенефиции“, до „заштита на животната средина“ и „образование“. И исплатите имаат различни називи и форми од општина до општина – „финансиска помош“, „финансиска поддршка“, „парична помош“, „дотација“, „субвенција“ и сл.
Она што останува нејасно е дали општините имаат ингеренции за вакви дотации и помош, особено што од општина до општина се применуваат различни правила, процедури, постапки, износи и категории. Општините, во своите правилници и и одлуки за доделување на разните помоши, се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа. Сепак, најчесто е повикувањето на членот 36, став 1 каде што се наведени надлежностите на Светот на општината и точката 15 „Врши и други работи утврдени со закон“.
* * *
Податоците за истражувањето се добиени од единиците за локална самоуправа врз основа на одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер испратени со иста содржина и во ист ден до сите 81 единица на локалната самоуправа.
Три единици на локалната самоуправа не одговорија на барањата и не ги доставија бараните податоци, ниту по решение на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кое им се наложува да одговорат на барањата. Станува збор за Град Скопје и за општините Сарај и Чаир.
За некои од општините, податоците се надополнети со јавно достапните информации на нивните веб-страници, онаму каде што преку дополнително истражување е утврдено дека доставените податоци од општините не се целосни или се разликуваат од оние објавени во општинските официјални документи, извештаи и известувања. Во случаите каде што општините не доставиле поединечни износи на одредена поддршка туку само вкупен износ и број на приматели, при анализата на податоците земени се предвид просечните износи.



