Турција ја осуди како голема грешка одлуката на САД да воведат санкции против неа поради набавката на рускиот ракетен систем С-400.
Анкара најави дека ќе му возврати на Вашингтон на начин на кој смета дека е неопходен, бидејќи повеќепати ги повикуваше САД да го решат ова прашање преку дијалог.
Министерството за надворешни работи на Турција ги повика САД, инаку сојузник на НАТО во Анкара, да ја сменат оваа неправедна одлука, што може да им наштети на билатералните односи меѓу двете земји.
Министерството смета дека одлуката за воведување санкции е необјаснива откако Вашингтон постојано ја одбиваше понудата на Анкара за формирање заедничка работна група, пренесува „Ројтерс“.
САД вчера воведоа санкции против турскиот Секретаријат за одбранбена индустрија, неговиот директор Исмаил Демир, како и некои други вработени поради набавка на рускиот ракетен систем С-400, објави Министерството за финансии на САД.
Санкциите вклучуваат забрана за добивање дозвола за извоз во САД, како и замрзнување на имотот и ограничување на визите за директорот Демир и уште тројца вработени.