Утрински Весник
Култура

Стефоска на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески: Немаме потреба од одбрана туку од мудрост

Стефоска на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески: Немаме потреба од одбрана туку од мудрост

Блаже Конески, тој тивок и кроток човек, добиваше строг лик со кој до крај го бранеше секој збор, секоја буква од македонската азбука, рече министерката за култура Ирена Стефоска синоќа на завршната манифестација со која се заокружи чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

Стефоска во своето обраќање, цитирајќи го лингвистот Трајко Стаматоски, додаде дека Конески во толкувањето на фактите настојуваше да биде и да остане непристрасен, се залагаше да завладее на пошироките балкански простори поинаков дух во поимањето на работите. Тој оформи национален, а не националистички пристап во проучувањата.

„Зашто одбраната на посебноста на македонскиот јазик за Конески е света работа и должност: „не е тоа јазик создаван под никаков диктат и на тие што удирајќи против нашиот јазик лицемерно тврдат дека не работат против нашата нација, ние ќе им одговориме дека прават нешто повеќе: посегаат во светаја светих на македонскиот народ.“ На еден од тие циклични напади еднакви на опсесија, Конески одговара: „На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: Ваша работа!“, нагласи Стефоска.

Додаде дека минатата година беше стогодишнина од раѓањето на Славко Јаневски, оваа – 100 години од Блаже Конески, а во 2023 – еден век од раѓањето на Ацо Шопов.

„Сите тројца, основачи на Македонската академија на науките и уметностите и сите тројца со мисија да ни остават силен македонски збор и како благослов и како аманет. Зашто мајчиниот јазик на човека му е и првата и последната мисла“, заврши министерката за култура.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во своето обраќање додаде дека јазикот, уметноста и културата ја даваат смислата на нашите животи и постоење.

„Тие се конецот, којшто го испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината. Нашиот голем книжевник, академик Блаже Конески, целиот свој талент го посветил и насочил токму во унапредувањето на македонскиот јазик и неговата кодификација, со што придонел да се најдеме во големото семејство на светски признати јазици. Делото на Блаже Конески е аманет кој секој од нас има обврска да го чува и негува, за што е потребна и лична одговорност, но и институционален пристап“, додаде Царовска.

Во присуство на покровителот на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, Стево Пендаровски, и други гости, Оркестарот на Филхармонијата, баритонот Горан Начевски, маестро Дијана Имери Илкоска изведоа дела на двајца великани на македонската современа музика – Томислав Зографски и Тодор Скаловски, во оркестрација на Ангел Спироски. Беше претставена и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.

Текстот Стефоска на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески: Немаме потреба од одбрана туку од мудрост е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“