Русија ги сподели со Светската здравствена организација (СЗО) податоците добиени за време на фазата 1 и 2 од клиничките испитувања на нејзината вакцина „Спутник V“ против Ковид-19, изјави советник во регионалната канцеларија на СЗО за Западен Пацифик, пренесува „Спутник“.
„Ова е ажурирање од последниот брифинг за руската вакцина. Тоа беше многу рана фаза на дискусија помеѓу СЗО и регулаторниот орган на Русија и сега знаеме дека Русија веќе ги споделила своите податоци за клиничкото испитување во фаза 1 и во фаза 2 со СЗО, а самиот руски национален регулаторен орган веќе даде условно одобрување за вакцината. Надвор од тоа, сè уште немаме информации за распоредување на овие вакцини во други земји”, рече д-р Сокоро Ескаланте на брифингот.
Кон крајот на септември регионалниот директор за Европа во СЗО, Ханс Клуге, ѝ се заблагодари на Русија за нејзините одлични напори да создаде безбедна и ефикасна вакцина. Тој изрази уверување дека тековните испитувања на руската вакцина по регистрацијата ќе бидат успешни и им се заблагодари на сите волонтери кои се согласиле да учествуваат во тестирањето.
На 11 август рускиот Институт за истражување „Гамалеја“ официјално ја регистрираше првата вакцина во светот против Ковид-10, наречена „Спутник V“. Две успешни фази од клиничките испитувања докажаа дека руската вакцина е способна да создава имунитет против вирусот.
Во моментов, Русија спроведува клинички испитувања на „Спутник V“ по регистрацијата, со вклучени над 42.000 луѓе во Русија и низ целиот свет. Москва веќе има добиено барања за една милијарда дози вакцина од најмалку 20 земји, но властите нагласија дека Русија мора прво да се погрижи за своите жители.