Утрински Весник
Македонија

Прв состанок на Координативното тело за поддршка и развој на Преспанскиот регион

Прв состанок на Координативното тело за поддршка и развој на Преспанскиот регион

Во Владата, денеска, се одржа првиот состанок на Координативното тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот Регион, со што како што посочуваат од таму, започнува процесот на засилена реализација на проектите кои се планирани во овој регион.

Меѓуресорското координативно тело, кое е составено од претседател и 13 членови, активно соработува со Делегацијата на Европската Комисија во Скопје, како и со другите државни институции и локалната самоуправа на Ресен за поттик на социо-економскиот развој на Преспанскиот Регион со особено внимание за создавање можности за урбаните и руралните области на Преспа, велат од владата.

Обраќајќи се кон членовите на Координативното тело, премиерот Зоран Заев ги повика и охрабри да ги поддржуваат сите проекти од национално, како и од меѓународно значење за регионот, да ги гледаат и од перспективата на Договорот од Преспа, со кој, како што истакна, се премостени речиси три-децениските разлики со Грција и се обезбедени перспективите на нашата земја во евроатлантските и европските интеграции.

Заев го оцени и значењето на Координативно тело во насока на интензивирање на прекуграничната соработка со Албанија и Грција, со употреба на сите расположливи дипломатски канали за реализација на трилатералниот Договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа и за поттикнување на работата на заедничко координативно тело за прекугранично управување и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро, туку и целиот екосистем на езерото.

„Дополнително, духот на Договорот од Преспа е инспирација и за други прашања што ги поврзуваат народите во овој регион и во Европа, со единствена и заедничка цел – зајакнување на добрососедските односи, согласно европските вредности и меѓународното право, а со тоа и заедничката иднина на генерациите за чии перспективи сме одговорни ние“, рече тој.

Заев како исклучително значајни ги посочи и фокусот кон промоцијата на потенцијалите за развој на туризмот, како можност за афирмација и дејност на локалното население, како и имплементација на мерките што треба да се преземат за надминување на актуелната состојба со водите на Преспанското езеро и динамизирање на проектот за комплетна заштита на Преспанското езеро поддржан од Европската Унија, инициран од трите земји, Северна Македонија, Грција и Албанија.

Координаторот за развој на Преспанскиот Регион, Горјан Тозија во своето обраќање најавувајќи го почетокот на работата на Координативниот Центар за поддршка и развој на Преспанскиот регион, истакна дека тој е израз на остварување на визијата за добрососедство која во 2018 година се реализираше преку Преспанскиот договор. Тој додаде дека Преспа е симбол на космополитство, место без огради и граници во нејзиниот натамошен социо-културолошки развој, кое ќе стане центар за соработка и размена на модерни, креативни и прогресивни идеи на млади луѓе од трите земји, Северна Македонија, Грција и Албанија.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје