Утрински Весник
Свет

Повеќе од 60 новинари приведени по изборите во Белорусија

Повеќе од 60 новинари приведени по изборите во Белорусија

Белоруските безбедносни агенции уапсиле 64 новинари кои протестираат по претседателските избори на 9 август, соопшти белоруската Асоцијација на новинари, пренесува ТАСС.

Според невладината организација, 24 новинари биле задржани на 9 август, 20 други на 10 август, 12 на 11 август и уште осум на 12 август. Меѓу уапсените има претставници на белоруските медиуми, како и новинари од други земји, вклучително и Русија и Украина. Некои претставници на медиумите веќе се ослободени и депортирани од земјата.

Некои телевизиски водители и новинари кои работат за државни белоруски медиуми понудија оставка. Ова го најавија на своите профили на социјалните мрежи. Најпознати од нив се водителот на „Белорусија 1“, Евгениј Перлин, политичкиот аналитичар на ОНТ. Дмитриј Семченко, водителката  од CTV, Татјана Бородина, и радиоводителот Александар Шустер.

Белорусија одржа претседателски избори на 9 август. Според првичните резултати обезбедени од белорускиот Централен изборен комитет, актуелниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко, доби 80,08 отсто од гласовите. Светлана Тихановскаја, која важеше за негов главен противник, се најде на второ место со 10,09 отсто.

Откако беа објавени резултатите од излезните анкети вечерта на 9 август, во центарот на Минск и другите региони во земјата избувнаа протести, што доведе до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Протестите продолжија на 10 и 11 август. Како резултат на тоа, беа приведени неколку илјади луѓе, а повредени се десетици полицајци и демонстранти.

На 12 август, белорускиот министер за внатрешни работи, Јури Караев, нареди да не се допираат новинарите на масовните протести освен во случаите кога стојат меѓу насилниците и полицијата.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Португалија им дозволи на САД да ја користат базата „Лахес“ на Азорските Острови за време на нападите врз Иран

Сенатот не изгласа Резолуцијата за ограничување на воените овластувања на Трамп

Рубио по инцидентот со иранската ракета: Целосна поддршка за Турција