Утрински Весник
Култура

Основачот на „Џифони“, Губитози: Важно е да ја следите вашата интуиција

Основачот на „Џифони“, Губитози: Важно е да ја следите вашата интуиција

Имав 17 години кога почнав да размислував што сакам да правам, на 18 почнав да ставам сѐ на едно место, а на 19 години веќе го организирав првото издание на „Џифони Италија“. Кога имате 17 години, имате огромни очекувања и честопати очекувањата ги надминуваат сите логики. Од почетокот бев поврзан со идејата за фестивал за деца и да, многу сум горд на тоа што го создадов, но секогаш сум по малку незадоволен, бидејќи секогаш може да се направи повеќе. Имаме 50 години искуство, но живееме во сегашноста и мораме да размислуваме за иднината – вака Клаудио Губитози, извршен директор и основач на Џифони филм фестивал го започна своето предавање со џифонците од Македонија. Тој се осврна на 50-те години посветеност кон доближување на вистински вредности на децата, преку филмската уметност.

Македонските џифонци покажаа голем интерес да му постават прашање на Губитози, кој покажа голема почит кон секој од нив. На прашањето зошто е важен „Џифони“, тој вели:

„На „Џифони“ имате слобода да бидете она што сте. Доаѓаат деца од 55 земји од целиот свет, но на беџовите не пишува од која националност се децата, туку само името, бидејќи не ве прашуваме од каде доаѓате, туку што сакате да бидете. Децата доаѓаат на Џифони бидејќи тука можат слободно да ги изразат своите мислења, да бидат слушнати, да израснат и да ги развијат своите емоции. Тука се зборува и се размислува на многу теми од животот, не можеме сите да ги наброиме, но сите тие ве поттикнуваат да размислувате. Има деца што велат дека биле многу срамежливи кога дошле прв пат, па им било срам да зборуваат, но по првите јавни настапи тоа се менува. Џифони е место каде што се раѓа мислата, место каде што можете подобро да ги осознете, или да ги препознаете вашиот идентитет и вашата личност“, вели Губитози.

На прашањето дали се плаши дали сѐ ќе биде во ред додека трае фестивалот, а и дури се организира, Губитози одговори: „Секогаш ми е страв. Никогаш не се случило да не ми е страв. И по многу години, јас сум секогаш исплашен и пред, и за време, и по завршениот настан, зашто носам голема одговорност. Но, стравот нѐ движи напред. Држам предавања и на факултети и секогаш се подготвувам за тоа. „Џифони“ се роди од една интуиција, која ете, случајно, ми се појави токму мене. Ја почувствував и решив да ја следам и оттогаш не сум ја напуштил. Треба да ги препознаете добрите идеи: идејата може да се појави, да стои во вас неколку дена, или неколку месеци, а потоа да ве напушти. Ако интуицијата ви вели дека идејата е добра, не чекајте, почнете да работите на нејзино остварување и со тек на време таа ќе ја добие својата форма“.

Вчера се одржа и дискусија на тема женски права, откако беше прикажана епизода од француската серија „Бестрашни“.

Данскиот филм „Хакер“ во режија на Пол Берг, синхронизиран на македонски јазик ќе биде премиерно прикажан вечерва во 19 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката. Гласовите ги позајмуваат: Стефонатор, Гораст Цветковски, Кристина Христова-Николова, а за синхронизацијата се погрижи „Катавеј“ од Скопје. Во 18 часот, на дигиталната платформа youth.mk и на фејсбук-страницата на фестивалот, обожавателите на јутјуберот Стефонатор ќе можат да се дружат со него на работилницата што се организира по повод премиерата на филмот „Хакер“, во кој познатиот јутјубер го позајмува гласот на главниот лик.

На дискусијата во 16 часот, Кадетите ќе имаат можност да поразговараат со Лаура Жоу, режисер на филмот „Животот без Сара Амат“.

Учесниците на „Џифони Македонија“ денеска во 17 часот преку платформата youth.mk ќе можат да се сретнат со Ана Андонова, авторка на краткиот филм „Малечка“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“