Утрински Весник
Македонија

Објавен огласот за социјални станови во Струмица (ДПЛ)

Објавен огласот за социјални станови во Струмица (ДПЛ)

Струмица, 19 февруари 2020 (МИА) – Министерството за транспорт и врски втор пат го објави огласот за распределба на 37 станови за социјално ранливи категории на граѓани во станбена зграда на улица „Ѓорѓи Василев“ во Струмица.

Право на учество на огласот имаат деца без родители или родителска грижа над 18 години, кои досега биле згрижени во институции, корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта. Опфатени се и лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, припадници на Ромската заедница социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца.

Лицата кои ќе аплицираат треба да се државјани на Република Северна Македонија, да имаат постојано место на живеење во општината каде е изграден социјалниот стан и да не поседуваат стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на државата.

Заинтересираните потребната документација ќе може да ја поднесуваат во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Струмица, а огласот трае до 15 април годинава.

Лани во јуни Министерството за транспорт и врски го поништи првиот оглас за распределба на социјални станови во зграда во Струмица заради тоа што повеќе од 70 отсто од апликантите немаа комплетна документација.

Зградата во Струмица има вкупна површина од 1.800 метри квадратни со 41 стан и ги исполнува сите енергетски стандарди. Четири од становите преку Министерството за труд и социјална политика се доделени на поранешни штитеници на Заводот за заштита и рехабилитација од Банско, кои веќе ги користат.

Зградата ја изгради Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката-Скопје.рт/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ердоган: Споровите околу изворите на вода предизвикуваат конфликти низ светот

Ставот за прегласувањетo ДУИ ќе го формира со коалициските партнери од Европски фронт

Ахмети: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прават се за да добијат двајца пратеници од Фронтот, но ние ќе ги обелодениме сите детали од тајните договори